1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јазот меѓу демократите и републиканците најголем досега

И покрај постигнувањето компромис за лимитот за долгот на САД, републиканците и демократите се меѓусебно поддалечени од кога било. Обама и ’Ти парти’ се еднакво виновни за актуелната ситуација, сметаат експертите.

default

Фредерик Кемпе претседател на „Атлантскиот совет“ од Вашингтон

Фредерик Кемпе претседател на американската тинк-тенк организација „Атлантски Совет“ тврди дека американскиот претседател Барак Обама не оставил добар впечаток последниве денови и недели.

„Тој ја утврдува општата насока, но само многу грубо. Други ги обработуваат деталите. На пример потпретседателот Џо Бајден на својот грб поднесе голем дел од борбата. Обама тоа го нарекува ’лидерство од заднина’, што јас го сметам за парадокс“.

И покрај тоа Кемпе смета дека патот што го одбра Обама во предизборната кампања во 2012 година можеби може да му донесе значителен број поени од редовите на американската средна класа, која, како што вели во најголем дел го поздравува постигнатиот компромис.

Обама и „Ти парти“ подеднакво виновни

Според мислењето на овој експерт и претседателот и радикалното крило „Ти парти“ во редовите на републиканците подеднакво сносат одговорност за актуелната ситуација: Обама затоа што не ги држи цврсто уздите в рака, а „Ти парти“ поради несогласност на компромиси.

USA Schuldenkrise

„Политиката е парализирана- а и голем дел од јавноста, но најголема партија станаа независните. Повеќе од 40 насто од избирачите во САД се независни и тие се лути. Нивна желба е политичарите да ги приближат своите ставови. Така во земјата имаме многу занимлива политичка ситуација“, вели Кемпе.

Тој е уверен дека и покрај постигнатиот компромис, на американската политика и е нанесена голема штета, бидејќи иако меѓународните рејтинг агенции се’ уште го немаат намалено финансискиот рејтинг на САД, тоа веќе го прават Кина и други, кои бараат алтернативи за своите инвестиции.

Како договорот да се продаде како „успех“?

John Kornblum

Џон Корнблум, поранешен амбасадор на САД во Германија

Поранешниот амбасадор на САД во Берлин Џон Корнблум пак смета дека договорот за лимитот за задолжување постигнат во Вашингтон бил неопходен и оти претседателот Обама има тешка задача тој договор, кој оди од рака на републиканците и на „Ти парти“ да го продаде како успех.

„Тој ќе го продаде тоа на начин на кој постојано ќе нагласува дека е избегната катастрофа и оти е постигната рамнотежа и како трето ќе говори дека е тоа двостепен процес во кој најтешките задачи претстојат дури во вториот степен. Републиканците пак од друга страна ќе мора да ги убедат членовите на ’Ти парти’ дека иако не ги постигнале максималните цели, сепак можат да кажат дека ја завртеле дебатата во друга насока, што впрочем е и точно“.

Корнблум истакнува и оти целта на целата конфронтација околу покачувањето на границата за максимално задолжување на САД не била насочена кон правилното владеење со земјата, туку повеќе кон завземањето позиции за предизборната кампања во 2012 година.

Автор: Бетина Клајн/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска