1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јавните набавки загрозени од тајните на шуробаџанаковизмот

Ако има злоупотреби во јавните набавки, тие треба да бидат предмет на работа на надлежните инстутуции, а не да завршуваат на партиски прес-конференции, велат експерти

Конфликт на интереси, непотизам во делењето тендери, незаконски стекнати пари... Во ваков триаголник, со години се одвиваат исти меѓупартиски пресметки, а се менуваат само имињата на протагонистите во дострелите на т.н. шуробаџанаковизам, домашна кованка за непотизмот во Македонија. Деновиве на тапет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обвинет од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека и доделувал тендери на фирмата на неговиот татко и чичко, а дел и на братот. Заев вели дека тој како градоначалник не одлучува кој ќе ги добие набавките што ги распишуваат фирмите во Струмица. Тој ги повика надлежните да проверат дали се било спроведено во согласност со законот.

Анемични регулаторни тела

Дали законот генерира проблеми или во постапката се дегенерира духот на законот? Драган Малиновски, поранешен претседател на Антикорупциската комисија, вели дека во принцип, самиот Закон за јавни набавки никогаш не бил генератор на проблемите.

„Ниту еден пропис не може докрај да ги превенира можните злоупотреби. Проблемот со кој се соочуваме е (не)постоењето на елементарна општествена култура на носителите на власта. Искуството со години наназад вели дека власта се однесува кон јавните добра, а со тоа и кон буџетските средства, како кон плен кој и припаѓа по изборниот триумф. На тоа се надоврзува и отсуството на вистински независни регулаторни тела, кои ќе бидат коректив на владините институции, задолжени за контрола и санкционирање на злоупотреба при јавни набавки. Тука, пред се, мислам на Државниот завод за ревизија и на Антикорупциската комисија. Во таков неповолен општествен амбиент, јавните набавки се претвораат во средство за политичка пресметка. Не смее да се заборави и улогата на медиумите, кои неретко одработуваат за својот политички фаворит. Таков е случајот и со последните медиумски прозивки меѓу власта и

опозицијата за злоупотреби при јавните набавки. Ако има основа во таквите тврдења, тие случаи треба да бидат предмет на работа на надлежните инстутуции, а не да почнувааат и да завршуваат на партиски прес-конференции", порачува Малиновски.

Отсуство на натпревар

Колку јавните набавки се транспарентни? Колку се спроведуваат во услови на вистинска конкуренција и без вештачко создавање ситуација постапката да заврши со договор во четири очи? Истражувањата што ги спроведе Центарот за граѓански комуникации во првиот квартал од годинава, покажаа дека Македонија останува една од ретките земји која во својот Закон за јавни набавки нема предвидено санкции за прекршувања на одредбите од Законот и покрај констатирани бројни случаи на вакви прекршувања. Секој четврти договор за јавна набавка во мониторираниот примерок бил склучен преку тендер во кои учествувала само една фирма. Отсуството на натпревар на фирмите значи и отсуство на гаранција дека потрошените пари се дадени за квалитетни производи или услуги по поволни и конкурентни цени. Поништувањeтo на тендерите е на исклучително високо ниво од дури 26,6 отсто, а вредноста на договорите склучени преку постапка со преговарање без објавување оглас во првиот квартал од 2013 година изнесува 11 милиони евра.

Symbolbild Geld Euro Person Mund Gesicht


Аналитичарот Артан Садику, вели дека проблемот со јавните набавки не треба да се сведува на прашање на институционална култура, туку на почитување на процедурите и законите и доследно имплементирање на казни и дисциплински мерки во случај на нивно непочитување.

„Кога се работи за начинот на трошење на јавни средства, кои всушност се пари на граѓаните, доследноста мора да биде стриктна и наместо партиски препукувања, за секој случај за кој постои сомнеж, правосудните институции мора да реагираат. Во спротивно се развива култура на 'слободно јавање' преку која различните страни се критикуваат, но изостанува правна разрешница за сомненијата што се појавуваат во јавноста", констатира Садику.

Владата врти нов лист

Владата пред две недели најави дека со нови законски измени ќе ја зголеми транспарентноста и контролата во јавните набавки. Еден тендер нема да може да се спроведе без учество на најмалку пет фирми, ќе се забранува наплата на тендерска документација, а ќе биде зајакната и надлежноста на Комисијата за жалби. Секое непочитување на новите законски решенија ќе претставува кривично дело за кое се предвидува затворска казна од една до пет години. Целта на новите законски измени за јавни набавки е да се стесни просторот за манипулации, а според проценките ќе се намалат и трошоците за фирмите, ќе се зголеми транспарентноста и ќе се штити јавниот интерес. Дали со овие измени навистина ќе се постигне тоа?

Во стручната јавност преовладува ставот дека без воведување контролни механизми за спречување на злоупотреби во сите фази од постапката, јавните набавки ќе бидат осудени да се спроведуваат само за да се задоволи формата. Со тоа, суштината на набавките и натаму ќе остане предмет на меѓупартиските

Korruption - Symbolbild

пресметки.

Според комуникологот Петар Арсовски, перманентната криза и ниското ниво на политичкиот дискурс, неминовно раѓаат тензична комуникација меѓу партиите.

„Во овој момент таа е актуелна на темата јавни набавки, но таа тема е само шлагворт, мизансцен. Во основа, партиите се заглавени во постојана негативна кампања и комуницираат една со друга, наместо да комуницираат со граѓаните. Овој негативен пинг-понг предизвикува намалување на општиот политички ангажман кај електоратот, цинизам, апатија и негативно ќе влијае на рејтингот на двете засегнати партии", оценува тој.

Според Михајло Маневски, поранешен министер за правда и член на Антикорупциската комисија, се може да се реши на многу едноставен начин.

„Кога станува збор за деловни односи со блиски роднини, личниот интерес не треба да се става пред општествениот. Секој што има свест и култура да постапи така, помага во градење на својата и на институционалната култура", вели Маневски. Прашањето што нема одговор е - дали навистина постои волја личниот интерес да се стави зад општествениот.