1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јавната администрација е слаба точка

ЕК даде препорака за почеток на преговорите за прием на Македонија во ЕУ. Во извештајот, покрај политичките критериуми се разгледани и економските капацитети на земјата. Каде се слабостите, а каде предностите?

default

За разлика од претходните години кога критиките во извештајот на Европската комисија се однесуваа главно на политичката сфера, годинава клучните забелешки во извештајот се упатени на економскиот сектор. Енергетските закони се неусогласени со европската директива, државните електрани имаат доминантна позиција на пазарот, недомашниот дистрибутер е дискриминиран. Освен ова, регулаторните тела функционираат недоволно, а правната сигурност за водење бизнис е мала.

Според експертите постојат неколку клучни слабости, со кои Македонија ќе се соочи откако ќе почнат пеговорите. „Она што јас го гледам како најголем проблем е капацитетот на јавната администрација бидејќи таа е носител на процесот на преговорите. Значи треба да имаме подготвени тимови со компетентни луѓе кои имаат кредибилитет“, објаснува Фани Каранфилова од Институтот отворено општество.

Аналитичарот Суад Мисини се осврнува на слабостите во енергетскиот сектор. „Индиректно е дадено до знаење, она што јас го нарекувам електросопранови, на највиско ниво се злоупотребува електричната енергија за лични профити, затоа се заобиколува регулативата и поголемо учество во енергетската заедница во регионот“.

Јавната администрација особено ранлива

Јавната администрација е оценета како преобемна, партизирана и неефикасна. Некои аналитичари нудат прилично радикални мерки за реформа на администрацијата. „Државната администрација треба под итно да се деполитизира. Ако ме прашате мене, јас сум поборник на стратегијата на Естонија. Да се отпуштат сите од работа, секако со добар социјален пакет. Странска фирма да регрутира нови државни службеници, а политичките партии само да ја надгледуваат регрутацијата на државната администрација,“ вели Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование.

Во кои области има напредок?

Во извештајот е пофален прогресот во делот за регистрирање и почнување бизнис, намалените даноци, стабилноста на макроекономскиот систем и покрај светската финансиска криза. Напредок е констатиран и во фискалната децентрализација.

Но, Македонија нема многу време да го слави овој значен исчекор во европските амбиции. Уште веднаш треба да почне да ги реализира препораките за да не му остави простор на Советот на министри во декември да се поколеба во решеноста и подготвеноста на земјата да преговара за членство во Унијата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска