Јавен настап на шефовите на руските тајни служби | Свет | DW | 21.12.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јавен настап на шефовите на руските тајни служби

Времињата се менуваат: порано беше незамисливо шефот на тогашната руска тајна служба КГБ да дава интервјуа, уште помалку да настапи на прес-конференција. За сегашните шефови вчерашниот Ден на тајните служби беше повод да настапат во јавноста, а за претседателот Путин да им искаже пофалби на тајните служби за нивните заслуги за правото и слободата.

Денот на тајните служби во времето на некогашниот Советски сојуз потсетуваше на формирањето на тајната служба во 1917-та година, непосредно по Октомвриската револуција, а не беше во функција на транспарентност или на информирање на јавноста. Денес шефовите на тие служби настапуваат самоуверено во јавноста – можеби и затоа што еден од нив сега е претседател на Русија.

Сергеј Лебедјев, шеф на разузнавачката служба СВР, ја искористи можноста да каже дека немало никаква врска меѓу службата и жртвата на труење со радиоактивниот елелемнт полониум 210 Александар Литвиненко, па – според него - оттука би било сосем бесмислено да биде испратен на оној свет. Лебедјев оцени дека станува збор за политичка провокација да му се наштети на претседателот Владимир Путин.

Тој што го направи тоа живее во Лондон и велеше дека сака лично да го дискредитира претседателот, рече Лебедјев упадливо не спомнувајќи му го името на Березовски, олигарх и личен непријател на Путин. Литвиненко бил само жртвен пион во таа игра. Конечно, одделите што се занимавале со “валкани работи” биле распуштени уште во 50-тите години. Разузнавачката служба, рече нејзиниот шеф, сега не работи против конкретни земји, туку се обидува да ги открие заканите против Русија.

Николај Патрушев е раководител на контраразузнавачката служба ФСБ со стотици илјади соработници и тешко вооружени трупи. Обете организации настанаа од некогашната КГБ. Патрушев извлече мрачна слика на состојбата со опасностите: во Русија оперирале 40 странски тајни служби, само лани биле уапсени 27 професионални шпиони и уште 98 агенти на странски тајни служби, а 21 странец биле протерани. Бројот се удвојувал секоја година. Патрушев не спомна ниедна земја, но е познато дека на Русите посебно им пречат Англичаните. На границите со Русија биле запрени 11 илјади луѓе, а 13 илјади од нив се сметаат за непожелни - персона нон грата.