1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Јаболкото“ најскапо на светските берзи

„Епл“ минатите денови се тркаше рамо до рамо на берзите со енергетскиот концерн „Ексон мобил“ и победи. Компанијата, која меѓу другото ги произведува култните Ајфон и Ајпед, стана најскапото претпријатие во светот.

default

Фирмата од Калифорнија одамна е навикната на успех и врвни позиции. Иновативните производи што ги претстави на пазарот во последните години, како Ајфон или Ајпед, наидуваат на извонреден одзив кај потрошувачите. На берзите „Епл“ во мај минатата година го „помина“ вечниот ривал „Мајкрософт“ и стана најскапа компанија меѓу производителите на технологија. Пред „Епл“ беше само енергетскиот гигант „Ексон мобил“, како најскапо претпријатие во светот. Но, и тоа се промени и сега „Епл“ застана на тронот на берзите. Вредноста на претпријатието се проценува на 337 милијарди долари. „Ексон мобил“ е на второто место со „само“ 331 милијарда долари.

Пред четиринаесет години никој не веруваше дека „Епл“ ќе успее да се извлече од банкрот. Дури откако некогаш омразениот шеф Стив Џобс се врати во фирмата во 1997 година, работите повторно тргнаа на подобро. Со Ајподот претпријатието го освои музичкиот бизнис, Ајфонот постави нови стандарди во телекомуникациите, додека Ајпедот, таблет-компјутерот на „Епл“ им создава големи главоболки на конкурентите.

Крис-Оливер Шикенштанц од германската „Комерцбанк“ смета дека токму имиџот на компанијата во голема мера придонел за успехот на пазарот. Сепак, додава Шикенштанц, досега многу компании го освојувале врвот на берзите, но кратко потоа повторно го губеле тронот, затоа што живееле на стара слава.

„Врвната позиција на берзите не треба да се смета како можност за одмор од работата, туку напротив, треба да биде поттик за компаниите и во иднина да претставуваат иновативни производи на пазарот“, смета Шикенштанц.

Vorstellung des neuen iPhone 4 Flash-Galerie

Компанијата постигна голем успех со производи како Ајфон

Добар квалитет и извонреден имиџ

И цената на акциите на „Епл“ рапидно растеше во изминатите години. Пред само десет години една акција на компанијата, со нагризаното јаболко како заштитен знак, чинеше десет долари. Денес една хартија од вредност на „Епл“ чини 363 долари - и покрај кризата на финансиските пазари и турбуленциите на берзите. Тоа е навистина невообичаено, смета Шикенштанц од „Комерцбанк“, бидејќи „Епл“ е многу зависен од потрошувачите - некој мора да ги купува производите на компанијата. Човек ќе помисли дека во актуелната ситуација, со големи стапки на невработеност ширум светот, токму брендови како „Епл“ трпат големи загуби.

„Но, ’Епл’ докажа дека со добар квалитет на производот и извонреден имиџ, може и во тешки времиња да се стигне до потрошувачите. Тоа е токму она што берзите го вреднуваат моментално“, истакнува Шикенштанц.

По „Епл“ и „Ексон“, според вредноста на берзите следуваат две кинески претпријатија „ПетроКина“ и „Бенк оф Чајна.“

Автор: Моника Ломилер/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска