1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Ѕинго: Јас сум и југоносталгичен и евроносталгичен

Љубисав Иванов-Ѕинго е пратеник со најдолг парламентарен стаж. Искусен политичар, стопанственик кој работел во два система. Вели: „За иднината не стравувам, затоа што новите поколенија се ослободени од разни егоизми“.

default

Љубисав Иванов-Ѕинго

„Во поранешна Југославија имаше цивилизациски вредности, ниво и почитување во политиката, денес таа е сведена на брутални напади лаги и омаловажување. Бизнисот тогаш се создаваше и се развиваше, денес едвај се одржува. Во Југославија имаше ред, денес имаме фингирана демократија.“

Можеби звучи апсурдно човек кого многумина го сметаат за транзициски богаташ и тајкун да биде југоносталгичар. Љубисав Иванов Ѕинго денес ги ползува плодовите на својот вечен ангажман во политиката и во бизнисот, но не ја крие својата увереност дека подобро се живеело во некогашната заедничка држава.

„Јас сум и југо- и евроносталгичен. Југоносталгичен сум затоа што во тоа време и во тој систем направив голем развој во Кратово и во една компанија која ја земав со 16 луѓе, а ја доведов до компанија со 4.500 вработени. Ја развив во многу дејности, а еве веќе 20 години правам натчовечки напори тоа да го сочувам.“

„Југо-системот успешен до смртта на Тито“

Ѕинго го смета поранешниот систем за уникатен и успешен се‘ до смртта на Јосип Броз Тито.

„Растев, живеев и работев во два система и во две држави - едната се викаше  Југославија, другата и тогаш и денес се вика Македонија. Поранешниот систем за мене беше уникатен систем. Со разни народи, народи кои се разликуваа по култура, обичаи, вера и навики. Системот перманентно се реформираше и трансформираше. Се‘ додека се менуваше беше успешен, а тоа е отприлика додека беше жив Тито“.

Karte ehemaliges Jugoslawien Slowenien, Kroatien, Bosnien und Herzigowina, Serbien, Montenegro, Kosovo, Highlight: Mazedonien,

Поранешниот систем за мене беше уникатен систем, вели Иванов

Иванов бил парламентарец во сојузното собрание, пратеник е и денес. Носталгичен е и кога зборува за долгиот, над педесетгодишен стаж во политиката.

„За разлика од оној систем и работа на парламентите, кадешто имаше едно цивилизациско однесување, култура, ниво, почитување денеска имаме брутални односи, длабоки напади, навреди, омаловажувања, лаги, се измислуваат афери. Ние денеска, ако гледаме од тој аспект, помалку работиме во интерес на народот, не ги решаваме проблемите на луѓето.“

Според Иванов, единствена придобивка за Македонија е успехот да стане независна држава.

„Многу подобро живеевме во онаа заедничка држава. Ние од таа држава користевме огромни фондови, благодарение на тоа Македонија доживеа економски развој. Во 1945 година немавме ниту една фабрика, ниту еден асфалтиран пат, водоводи во градовите...“

Дури и кога предмет на споредба е степенот на демократија, оценките на социјалистот Ѕинго се во полза на поранешната држава.

„Демократијата денеска е фингирана“

„Демократија и тогаш имаше. И тоа вистинска демократија. И одговорност имаше. Сега е фингирана демократија. Можеш да зборуваш се‘ што ќе ти падне на памет,

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje

Ѕинго: Младите размислуваат европски и имаат големи знаења, затоа не стравувам за иднината

а да не одговораш. Користејќи ја слободата на говорот се уништува слободата на другиот човек кој не е во состојба да се одбрани од разни напади, интриги и измислувања.“ 

Некому ќе му звучи парадоксално, некому демагошки, човек со вака критички став за денешницата да не стравува за иднината на својата земја .

„Не, за иднината не стравувам, затоа што новите поколенија се ослободени од разни егоизми, размислуваат европски и распологаат со големи знаења. Кога не би бил оптимист не би живеел во Македонија, не би живееле тука моите деца и внуци.“

Македонија, според Ѕинго, треба да се потрпе на сопствените сили, да се обедини околу економскиот развој и да стаса таму каде што тргнала - во ЕУ и во НАТО.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска