1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ѕид на плачот и во Охрид

Охрид, мнозина го нарекуваат Ерусалим на Балканот. Епитетот најверојатно го заслужил по 365 цркви , колку и денови во годината. Но и историската белешка дека како и Ерусалим имал Ѕид на плачот. Што кажува историјата?!

default

Ретко кој знaе дека во месноста Месокастро до пред неколку години црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско била заобиколена со ѕид , кој криел тајна судбина за едно време и за погибијата на старото охридско семјество Мизо. Новинарот Владо Жура сведочењата за охридскиот Ѕид на плачот ги пронашол во летописните белешки на Никола Поп Стефанија , голем пријател и соработник на тогашниот охридски управител Џеладин - бег. Во една од нив од 13 јуни 1818 година пишува - дека епитропот Јон Мизо добил (изим) дозвола да ја огради со ѕид , црквата Каменско. Мотивите зошто се градел , никој не знае, вели Жура :

„Дали на тој дел од калето му се заканувале некакво уривање, дали претставувала некаква опсаност за минувачите во пазарните дни , никому не му било јасно, а ниту некој се сеќава дека некогаш тука имало црква . Ама, тој ѕид преставувал некаква атртакција и како што пишува Никола Поп Стефанија – Голема јунаштина покажаа Месокастрани впрегнаа се живо . И мало и големо и запреги и коњи и носле камења, кал, вар, песок и за големо чудо ѕидот бил направен. “

Vlado Zura

Новинарот Владо Жура, кој ја истражуваше приказната за охридскиот „Ѕид на плачот“

Ѕидот најверојатно причина за трагедијата на семејството Мизо

Постои една крвава случка трисеттина години подоцна поврзана со семејеството Мизо. Еден ден семејството отишло да се провесели во манастирот Свети Спас кај Горно Лакочереј, вели Жура:

„И така во најубавата расположба , во убавиот ден, кога никој не се надевал дека може да се случи нешто лошо ги нападнала некоја потплатена качака банда, на чело со некој – името му било Мгричар и настанал голем колеж. Една страшна трагедија. Се што било машко од мало до големо од семејството Мизо било поминато под нож .Жените се спасиле криејќи се во црквата и избегале низ некој подземен тунел “

Најверојатно изградениот ѕид околу црквата не му се допаднал на некој од богатите охридски бегови, чекал години и потплатил качаци да го извршат масакрот, додава Жура :

„Кажуваат дека небото се парало од плачови . Не од оние кои ги масакрирале, туку од другите кои знаеле дека ги чека таква трагедија и насилничка смрт. “

Очигледно плачот доаѓал од зад ѕидовите на црквата, па оттука и паралелата со ѕидот во Ерусалим пред кого верниците се молат за добробит. Сепак, правдата е бавна , но достижна :

„Еден ден охридскиот Шериф – бег го фаќа водачот на качаката банда и го обесил на највисоката цреша во куќниот двор. Како пример како треба да бидат казнати сите злодејци кои посегнале врз поданиците на царштината, па макар тие биле од друга вероисповед. “

Местото во денешен Охрид, каде порано бил „Ѕидот на плачот“

Местото во денешен Охрид, каде порано бил „Ѕидот на плачот“

Непромислено – срушен дел од охридската богата историја

Старите охриѓани со секое биење на црковната камбана во Месокастро, особено на празници како Велигден се сеќаваат на ѕидот кој преставувал храброст да се изгради во тоа време,ама и паметник за нереќната погибија на семејството Мизо. Но, тоа што не му успеало на природата и силните царски војски кои минувале низ Охрид во минатото, пред неколку години му успеа на самата црковна власт. Остатокот од ѕидот наместо да го претвори во верска и туристичка атракција го сруши до темел и изгради паркинг. „Резервирано, пишува пред паркингот , вели Жура и прашува за кого – сигурно не за оние кои со пот , плач , пискот и крв се изборил , за обичен ѕид , од камен и малку малтер, ама ѕид на плачот и на страданијата вековни споменик .

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Симе Недевски