1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ѕвездени моменти на Бајерн Минхен

Баварците со убедлива победа против Јувентус Торино си обезбедија пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите. Манчестер Јунајтед, пак, беше преголема пречка за германскиот шампион Волфсбург.

default

Фудбалерите на Бајерн ја слават победата против Јувентус

„Ова беше магична ноќ и сметам дека она што екипата го прикажа беше фантастично“, задоволно говореше по синоќешниот меч во Торино, шефот на Управниот одбор на Бајерн Минхен, Карл Хајнц Румениге. И навистина, избраниците на тренерот Луис Ван Гал ја прикажаа најдобрата партија сезонава, комплетно надигрувајќи ја „старата дама“:

„Игравме многу убав фудбал, толку шанси не сме имале цела сезона“, изјави херојот на мечот, хрватскиот репрезентативец Ивица Олиќ.

Историски меч

Токму со пеналот направен врз него започна пресвртот во мечот во Торино, во кој Јувентус среќно поведе со 1:0. Голманот на Баварците Ханс Јерг Бут е познат по тоа дека не промашува пенали.

„Денеска беше така што некои играчи ме повикаа напред и јас бев сигурен во себе. Среќен сум што постигнав гол“, изјави Бут.

Ивица Олиќ го постигна и вториот гол за Бајерн Минхен, кој само со победа можеше да обезбеди пласман во осминафиналето. Наспроти тоа, на Јувентус му беше доволно и нерешено, но синоќа беше целосно надигран. По кусата офанзива кон голот на Бут, и една шанса на Трезеге, Баварците преку Гомез поведоа со 3:1, а печат на фантастичната вечер стави Тимошчук со четвртиот гол за Бајерн.

Champions League Bayern München - Juventus Turin 08.12.2009

Голманот на Бајерн, Ханс Јерг успешно изведе пенал

„Она што го доживеавме денеска со сигурност беше историски меч зашто по поразот од Бордо во Минхен, од 0:2, никој не веруваше дека ќе се квалификуваме“, говореше по мечот Карл Хајнц Румениге. Бајерн влегува во осминафиналето како второпласиран од групата А , во која Бордо ја потврди водечката позиција со победата против Макаби во Хаифа со 1:0 .

Мајкл Овен ги урна соништата на „Волците“

Германскиот шампион Волфсбург, од друга страна, испадна од натамошните натпреварувања во Лигата на шампионите. Манчестер Јунајтед, иако со засилен Б состав, беше преголем залак за Волците. Тие не искористија голем број изгледни шанси синоќа во Волфсбург и беа казнети со хет-трик на Мајкл Овен и конечни 1:3 за Манчестер:

„Севкупно, навистина штета за нас. Имавме шанси да се пласираме во осминафиналето и сметам дека ќе беше заслужено. Во моментов мора да се каже дека среќата не е на наша страна веќе со недели, но не се предаваме“, изјави по мечот тренерот Армин Фе. Волфсбург ќе продолжи да се натпреварува во Европа- лигата, а покрај Манчестер Јунајтед, од групата Б пласман во осминафиналето обезбеди и ЦСКА Москва која славеше нагости во Истанбул против Бешикташ со 2:1.

Во групата Ц, Реал Мадрид со победата од 3:1 нагости против Марсеј го потврди пласманот во осминафиналето, а воедно му овозможи на Милан и со нерешените 1:1 против Цирих да ги продолжи натпреварувањата.

Во групата Д, каде веќе од поодамна Челзи и Порто обезбедија пласман во нокаут рундата, Апоел од Никозија приреди изненадување со нерешените 2:2 во Лондон, додека во Мадрид , Португалците славеа убедливо против Атлетико со 3:0.

Третиот германски претставник во Лигата на шампионите, Штутгарт, денеска со победа на домашен терен против романскиот тим Униреа Уржичени може да обезбеди пласман во осминафиналето.

Автор: СН/ЕМФ/дв/дпа

Редактор: Жана Ацеска