1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ѓорѓиев: Среќен сум што ја одбранив титулата

Димитар Ѓорѓиев го освои златниот медал на светското првенство во кикбокс во Турција. Тој беше најдобар во кик-лајт борбите во категоријата до 74 килограми.

Во Анталија отпатува со ореолот на светски првак, титула искована на претходното светско првенство во Скопје. Најдобриот македонски кик-боксер Димитар Ѓорѓиев успеа да ја одбрани титулата. Четири пати излегуваше на рингот, четири пати победуваше на патот до златниот медал. Во телефонскиот контакт по финалето, вакви се првите импресии на Ѓорѓиев:

„Среќен сум што ја одбранив титулата. Во финалето влегов самоуверено, сигурен дека ќе победам. Во текот на целата финална борба бев подобар од Полјакот Јержи Вронски. Го совладав надмоќно со 3:0. Да бидам искрен, многу потешко ми беше во полуфиналето против Турчинот Јахја Алемдаг. Таа борба за сите беше финале пред финалето.“

Претходно, во првото коло, Ѓорѓиев го совлада Линардо Поздиседве од Литванија, а во четвртфиналето беше подобар од Молдавецот Севастеан Александру.

Димитар Ѓорѓиев има 21 година. Кариерата ја започна во родното Неготино, а ја продолжи во Скопје под раководство на познатото македонско тренерско име за боречки вештини, Димче Кичевски.