1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ѓинѓиќ беше локомотива која влечеше напред

„Беше изворедно амбициозен човек кој стремеше кон промени, итар во донесувањето важни одлуки (...) сакаше како забревтана локомотива, да ја повлече земјата нанапред“....

Поминаа девет години од убиството на српскиот екс-премиер Зоран Ѓинѓиќ. Денес многумина зборуваат за неговата бескомпромисна борба за демократија и демократски поредок, кој во суштина е европска идеја. Србија во ЕУ, без сомнение е проект на Ѓинѓиќ, а добивањето кандидатура за членство во ЕУ е победа на неговите идеи.

Гроф Николаус Ламсдорф од германското Министерство за надворешни работи се сеќава на денот кога беше погребан премиерот Зоран Ѓинѓиќ и додава дека не смее да се заборви и дека добивањето на кандидатурата е негова политичка оставина.

„Во моментот на убиството на Зоран Ѓинѓиќ бев на Косово. Отидовме на неговиот погреб во Белград каде стотина илјади луѓе излегоа на улица. Тоа беше еден од најимпресивните настани на кои сум присуствувал, многу тажен ден. Тогаш веќе беше јасно дека неговата смрт скапо ќе ја чини Србија на многу фронтови. Неговите идеи и размислувања имаа за цел да ја придвижат Србија кон процесот на евроинтеграција. Добивањето на кандидатурата е всушност негова политичка оставина и убаво е да се види дека тој сон се остварува“.

Недоволна поддршка од Европа

Serbien EU Flagge

Ѓинѓиќ не секогаш ја имаше поддршката на Западот

Претседателката на белградскиот Фонд за политичка исклучителност, Соња Лит за Дојче веле истакнува дека, иако денес многумина го гледаат Ѓинѓиќ како миленик на Западот, тој не секогаш ја имаше поддршката. „Беше извонредно амбициозен човек во смисол на постигнување промени, итар во донесувањето важни одлуки (...) сакаше како забревтана локомотива да ја повлече земјата нанапред. Меѓутоа мора да се сетиме на тоа дека, за жал додека беше жив не доби доволно поддршка ниту од таа иста Европа - повеќе му се ветуваше, отколку што му се даваше. Многу од тоа е и наша одговорност, но не сме само ние одговорни за текот по кој одеше Србија во последните 12 години“.

Пред добивање на кандидатурата, март 2012, на Србија белег остави и одлуката на Обвинителството за организиран криминал дека нема доволно докази за подигање обвинение поради откривање на претпоставуваната политичка заднина на убиството на премиерот.

Политички консензус за европска иднина

На прашањето дали денешна Србија, во која СПС е целосно рехабилитиран и легитимен партнер и во која радикалите имаат ново руво, е Србија за која се бореше Ѓинѓиќ, Лит одговара.

„Како прагматичен политичар, тој би знаел дека додека повеќето политички сцени не преминат во оваа европска приказна, дотогаш нема да има можност Србија вистински да стане европска. Мене лично не ми се допаѓа што застарува случајот Марко Милошевиќ или што има луѓе во СПС кои и натаму мислат дека тоа беше добро време. Сепак верувам дека е особено важно што сега во Србија имаме политички консензус за европска иднина на Србија, па барем и на зборови“.

Европскиот пат на Србија деновиве го славеа многумина. На денешен ден по улиците на Белград, во знак на сеќавање на Зоран Ѓинѓиќ, ќе прошетаат и оние кои не создадоа клима во која разрешувањето на политичката заднина на убиството би било можно. Зоран Ѓинѓиќ ги задолжи сите, но некои заборавија да кажат благодарам.

Автор: Наталија Милетиќ/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски