1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шутка Сити ТВ – нова слика за Ромите во Европа

Во Париз се наоѓа студиото и седиштето на Шутка Сити ТВ, чиј основач, уредник и водител е Ром од Македонија, Андријано Џеладин, кој името и‘ го дал по ромската населба од Скопје.

Во мал стан на 19-от арондисман на Париз на авенијата Корантан-Карио се наоѓа студиото и седиштето на првата телевизија на ромски јазик во Франција - Шутка Сити ТВ. Името на телевизијата не е случајно, нејзин основач, главен уредник и водител на програмите е 33 годишниот Андријано Џеладин, Ром со потекло од Македонија, кој во Франција дојде пред 13 години. Именувајќи ја својата телевизија Шутка, тој сакаше да и‘ оддаде почит на населбата Шутка во Македонија.

Андријано Џеладин наликува на телевизиска ѕвезда – совршен изглед, а има една единствена желба – неговата телевизија да ја претвори во „огледало“ на ромската култура или „СиЕнЕн на ромски јазик“.

„Навистина беше тешко да се направи ромска телевизија во европска држава. Прво, нашата телевизија на ромски јазик не ја прифати ЦСА (францускиот радио дифузен совет, кој дава дозволи за емитување), но откако се заканив дека ќе го отворам каналот во Велика Британија, со што ќе можам да емитувам низ цела Европа, ЦСА попушти. Исто така не беше лесно да се склучи договор со телефонските оператори за емитување на нашата телевизија“, вели за Дојче веле Андријано Џеладин.

Телевизискиот ромски канал започна со работа на 19 септември 2012, на денот кога се роди ќерката на Андријано, Ајлин. Каналот може да се гледа во Франција преку интернет претплатите кои содржат и телевизиски пакети, а за сите други во Европа и во светот е достапен на стриминг. Но одењето на интернет пакетите не оди лесно, единствениот оператор со државен капитал во Франција - Оранж, одби да ја стави на својата понуда малата Шутка Сити ТВ, без да даде притоа никакво објаснување.

Претставување на ромската култура

Идејата за создавање на ромски тв канал се раѓа во 2010. година, кога Адријано Џеладин е немоќен сведок на демонтирањето на дива ромска населба веднаш до местото каде живее. Тој Ром од Македонија стана нем сведок на бедата со која се соочуваат неговите сонародници, кои дошле да најдат подобар живот во Франција.

Како што објаснува , тоа што го наведе да реагира, не е начинот на кој беа протерани Ромите од дивата населба, туку пред се‘ начинот на кој за Ромите се зборува во медиумите. „Тие секогаш даваат мошне ограничена слика за Ромите“, вели Андријано Џеладин. Тогаш тој се впушта во авантурата во која ги инвестира сите негови заштеди и позајмува од семејството и пријателите. Целта е да даде една друга слика за неговата заедница која брои 15 милиони припадници ширум Европа и за која постојат многу предрасуди. „Освен за нашата ромска музика, која им се допаѓа на сите, многу малку се знае за нашите традиции и обичаи и начин на живот. Нашата идеја е да се отвориме кон другите, но и да им дозволиме на самите Роми да научат повеќе за сопствената култура“, нагласува тој, надевајќи се дека преку неговата телевизија ќе бидат надминати клишеата за Ромите.

Andrijano Dzeladin

Андријано Џеладин

На програмата на Шутка Сити ТВ се емитуваат емисии од културата, кујната и многу музика. Една од главните емисии која се емитува директно од малото студио е водена од самиот Андријано Џеладин. Секоја вечер, во текот на еден и пол час, самиот пред камерата, седнат зад голема маса, тој разговара со гледачите за актуелни прашања. Неговата емисија им дозволи на растурените низ Европа ромски семејства да се пронајдат и повторно да воспостават меѓусебна врска.

Помошта во работата на телевизијата доаѓа од пријатели и пред се‘ од семејството. Неговиот син Антонио има негова лична програма, „Детскиот сон“, во која како гости се млади Роми кои живеат во Франција и со кои разговара за музика, поезија. Неговиот шеесетгодишен чичко Сали Усеин ја води културната програма: „Ромските традиции“ и Ерган Рамадан ја води емисијата „Карши, карши“. 80% од програмата на телевизијата е музичка, во која самите учесници Роми ги испраќаат свои видео записи за емитување.

Големи амбиции, но скромни средства

Колку го чини телевизијата, за која му велеа дека му се потребни најмалку 1 милион евра за нејзиното лансирање, тој чува дискретно за себе, признава дека за 14 месеци потрошил околу 140 000 евра, дека дневно на интернет регистрира околу 120 000 приклучувања...

Неговото студио се наоѓа во мал стан, дневната соба е бојадисана во зелено, за да може полесно да се вметне декорот во сликата која се емитува, но во другата страна – една од спалните соби, сликата покажува декор достоен на било која друга голема телевизија.

Телевизијата изгледа аматерска, иако нејзиниот основач започнал како новинар во Македонија, пред неговото доаѓање во Франција, каде основа радио на ромски јазик.

Андријано Џеладини се надева дека ќе успее да привлече огласувачи на неговиот канал, исто како и субвенции за промоција на европската телевизија.

Ромите не се закана за Европа

Андријано стана лицето на „интегриран“ Ром во Франција, кој сака преку него да го привлече вниманието на јавноста на проблемите со кои се соочуваат 15 милиони Роми во Европа. На почетокот од оваа година тој беше поканет во повеќе француски медиуми, да зборува за „евентуалната инвазија“ на Роми од Романија и Бугарија по отворањето на пазарот на трудот за граѓаните на овие земји. Тој притоа предупреди да не се прават хајки од страна на медиумите, односно неколку илјади Роми да ја оцрнат повеќемилионската заедница. Објаснувајќи дека пред да стане сопственик и раководител на телевизија, работел како продавач, келнер, рецепционист во луксузен хотел во Франција, Андријано Џеладин вели дека познава само во Париз лекари или банкари-Роми, далеку од клишеата кои ги даваат француските и другите западни медиуми за Ромите.