1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шумахер сака повторно да биде на врвот

Враќањето на Михаел Шумахер на патеките предизвикува огромен интерес за Формула 1 натпреварувањето во пресрет на почетокот на новата сезона в недела, на патеката во Бахреин.

default

Камбекот на Шумахер- настан на сезоната во Ф1

Рекордерот по бројот на освоени титули, 41-годишниот Михаел Шумахер по тригодишна пауза се врати на патеките, но овојпат седна зад воланот на „Сребрената стрела“. Веднаш по првиот тренинг, Шумахер ги најави очекувањата за претстојната сезона.

„Во комбинација, Мерцедес, Рос Брон и моето искуство може да постои само една цел- да бидеме први!“

За разлика од ветеранот Шумахер, неговиот сонародник Нико Хилкенберг годинава е дебитант во Формула 1. 22-годишниот пилот ќе вози за тимот на Вилијамс, а за враќањето на неговиот идол вели:

„Во крајна линија, тоа е лична одлука. Секако дека е добра за спортот и за него. Јас сум неутрален во тој поглед. Точно дека седум пати бил првак и дека е легенда, но за мене тој е како и секој друг противник кој ќе се обидам да го совладам на патеката.“

Нико Розберг е вториот германски возач на Мерцедес и најпрво ќе мора да се помири со споредната улога во тимот. Сепак, вели дека тоа нема да го спречи да се стреми кон врвот:

„Од првиот момент во автомобилот се чувствував одлично. Затоа во првата трка влегувам со голема самодоверба.“

Ферари во предност

Formel 1 in Abu Dhabi - Sebastian Vettel

Себастијан Фетел се надева на нови успеси сезонава

Адријан Зутил и четврта сезона по ред ќе вози за Форс Индија. Овој Германец, сепак, на врвот годинава го гледа Себастијан Фетел. Откако минатата сезона го освои второто место, Фетел годинава би можел да застане и на врвот, а за најголеми конкуренти ги смета Фернандо Алонзо и Фелипе Маса од Ферари.

„Мислам дека Ферари е во предност. Во моментов, делуваат многу силно, а зад нив е голема турканица.“

Годинава на програмата ќе бидат 19 трки, две повеќе од лани. Нова е трката во Јеонгам во Јужна Кореја, а се враќа и натпреварувањето за големата награда на Канада во Монтреал. Продажбата на влезниците порасна откако беше најавено враќањето на Шумахер, а седумкратниот првак по релативно слабите резултати на тренинзите тврдеше дека нема простор за нервоза, иако делумно се повлече од ветувањата дадени по потпишувањето за Мерцедес.

„Не бевме брзи како што посакувавме и како што би требало. Но, нема никакви причини и годинава да не се вмешаме во борбата за титулата“.

Автор: Арнулф Бечер / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска