1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Шуман-депресивен генијалец

Со многубројни концерти денеска се одбележува 200 годишнината од раѓањето на Роберт Шуман, еден од најпознатите германски композитори. Тој е роден на 8 јуни 1810 година во Цвикау.

default

Роберт Шуман

Роберт Шуман долго размислувал дали да биде писател или музичар. Од татко му ја наследил љубовта кон литературата, од мајка си кон музиката. Уште со седум години почнал да учи клавир и да компонира, но и со пишување кратки приказни и фрагменти за роман од својата, детска возраст. Роберт рано останал без татко, мајка му и законскиот старател решиле и покрај музичкиот талент, да изучи нешто солидно, изборот паднал врз студии по право. Го напуштил родниот Цвикау и се преселил во Лајпциг, каде страста кон музиката го водела далеку од Правниот факултет. Бил редовен посетител на концертите и книжарниците.

Дефинитивна определба за музиката

Clara Schumann

Клара Шуман

Наместо кон правото, се свртил кон музиката, со учителот Фридрих Вик кај кој учел техника на компонирање, го основал и „Новиот часопис за музика“, кој излегува и денес. Идиличниот однос меѓу Вик и Шуман го нарушила љубовната приказна меѓу Роберт и ќерката на учителот, Клара, за која таткото верувал дека може да добие подобар партнер. Направил се‘ за да ја раскине врската меѓу двајцата, судирот на крај завршил пред суд во 1840 година. Пресудата била во корист на младиот пар.

Плоден период на Шуман

Роберт бил среќен во првите години на бракот со Клара, напишал серии песни од класична музика, композиции за клавир, некои од првите симфонии, на Универзитетот во Јена добил почесна докторска титула. Но, некои од делата на Шуман не биле по вкус на публиката. Делата на Бетовен, Менделсон и Шопен уживале поголема популарност во тој период. Дури и Клара Шуман, која се пробила како пијанистка на европската музичка сцена, на концертите делата на сопругот ги свирела само како додаток.

Schumann-Ausstellung im Heinrich-Heine-Institut Düsseldorf

Клавирски концерт од Шуман

Шуман се нашол дури во сенка на сопругата, што бил голем удар за него. Светлина на тунелот здогледал во моментот кога од Диселдорф добил покана да го преземе местото музички директор во Градскиот оркестар.

Но, во Диселдорф барале диригент, а добиле композитор. Комуникацијата меѓу Шуман и оркестарот била тешка. Семејството Шуман не се вклопило ниту во граѓанското општество во градот на Рајна.

Robert und Clara Schumann

Роберт и Клара Шуман

Бегство во депресија

Склоноста кон депресија, која кај композиторот се јавувала уште од млади денови, станувала се‘ поинтензивна. Несоницата била следена со гласови и звуци, кои особено ноќе, како што се жалел Роберт, станувале се‘ погласни. На 27 февруари 1854 година, на денот кога Рајнската област славела карневал, депресивниот и очаен Шуман скокнал во Рајна во обид да се самоубие. Намерата не му успеала, па последните две години од животот ги поминал во психијатриска болница во Бон. И покрај сите тешкотии, во годините додека живел во Диселдорф, Роберт Шуман создал една третина од вкупниот музички опус, меѓу другите светски познатиот Концерт за чело, Концерт за виолина, Мисата број 147 и Реквиемот.

Автор: Гудрун Штеген/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска