1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шулц: ЕУ не ја затвора вратата, на потег е Македонија

Потребна е одговорност и политичко лидерство на сите страни за надминување на спорот за името, вели претседателот на ЕП во интервју за ДВ. Тој подвлекува и дека за ЕУ интеграцијата, топката е во рацете на Македонија.

ДВ: Господине Шулц, како да се намалат тензиите со соседите (Бугарија и пред се’ Грција), за да се деблокира патот на Македонија во ЕУ?

Шулц: Дозволете ми да потсетам дека Европскиот парламент повеќепати повика да почнат преговорите за пристап со ФИРОМ и покрај разликите околу името со Грција. Парламентот исто така секогаш силно го поддржува поцесот за изнаоѓање взаемно прифатливо решение под медијаторство на ОН. По ова прашање очекувам одговорност и политичко лидерство на сите страни, вклучително и во земјите на ЕУ. Јас би сакал да истакнам дека е важно да се избегнуваат контроверзни изјави и гестови. Тие би можеле да имаат негативно влијание врз соседските односи. Процесот на проширување не би требало да биде заложник на билатералните несогласувања.

Колку е важна европската перспектива за одржување на мултиетничкиот соживот во Македонија?

Мирниот соживот на луѓето од различна етничка припадност има апсолутно суштинско значење за нив, за нивниот живот, работа, за растење на нивните деца, реализирање на нивните соништа без страв дека ќе бидат повредени. Добрососедските односи се особено важни за Западниот Балкан, каде во изминатите 20 години се водеа крвави војни. Регионот мора да ги закопа духовите од минатото и да се фокусира на иднината. Иднина во Европската унија.

Повеќе меѓународни организации, последно Репортери без граници, констатираа опаѓање на слободата на медиумите во Македонија. Какви реформи предлагате на ова поле?

Слободата на изразување е една од фундаменталните вредност на ЕУ. Затоа јас бев загрижен кога беше употребена сила против новинарите и тие беа отстранети од собраниската галерија.

Постои акционен план за подобрување на состојбата во медиумскиот пејсаж од страна на Инстиутот за медиуми и Здружението на новинарите. Некои од целите на овој акционен план се веќе реализирани. Декриминализацијата на клеветата е веќе постигната. Сепак, новинарите велат дека сега се соочуваат со граѓански обвиненија покренати против нив. Друг проблем претставува тоа што недостасуваат транспарентни критериуми за пристап до буџетските средства и јавни кампањи на медиумскиот пазар.

Може ли да пропадне пристапот на Македонија во ЕУ?

Постои хумористичен цитат: „Многу е тешко да се прогнозира, особено да се предвидува иднината“. Но, шегата настрана, јас сум оптимист. Силно верувам дека вашата земја еден ден ќе пристапи во ЕУ. Топката во голема мера е на ваш терен. ЕУ има јасни и објективни критериуми за прием на нови членки - демократија, владеење на правото, почитување на малцинствата, функционална пазарна економија, се само некои од нив.

Освен прашањето за името, мора да постои конструктивна соработка меѓу различните групи и политички сили. Владата мора да се бори против корупцијата и организираниот криминал. Треба да зајакнат судството и административниот систем. Граѓанските права мора да бидат целосно почитувани.

Колку внатрешните проблеми на ЕУ (еврокризата) можат да влијаат врз процесот на проширување?

Не би бил искрен ако кажам дека во некои земји членки не постои „замор од проширувањето“. ЕУ направи огромни напори за интеграција на новите земји членки од Централна и Источна Европа, кои се приклучија во 2004 и 2007 година. ЕУ неодамна го прифати Лисабонскиот договор кој донесе големи промени во институционалната архитектура на ЕУ, а кој ние се‘ уште во целост не сме го примениле во пракса.

И се разбира соочени сме со должничката криза, која итно мора да биде решена оти ако излезе од контрола, би можела дури и да ја уништи ЕУ.

Оттука не би требало да изненади дека во овој контекст проширувањето не е прв приоритет во моментов. На Европската унија и‘ е потребен период на консолидација. Пристапувањето на Хрватска годинава покажува дека ЕУ е посветена на проширувањето, дури и во овие тешки времиња. ЕУ не ја затвора врата за кандидатите од Западен Балкан.