1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Штутгарт нов лидер на Бундеслигата

Неделава се одиграа две кола во Бундеслига, од кои најмногу профитира Штутгарт. Владимир Кличко останува светски првак во бокс, а Жистин Енен-Ардан е нова светска првенка во тенис.

Од натпреварот Хановер - Штутгарт

Од натпреварот Хановер - Штутгарт

Фудбалското првенство на Германија е многу неизвесно, барем во есенскиов дел. Продолжи ли вака и напролет, ќе имаме ситуација туку-речи половина од лигата да се бори за титулата, а другата половина за опстанок. Во 12-те досега одиграни кола веќе шест екипи беа за кратко лидери на првенството - Баер Леверкузен, Нирнберг, Херта, Баерн, Вердер, а сега му дојде редот и на Штутгарт, по победата во Хановер со 2 спрема 1. Но, таму засега никој не помислува на титулата, уверува тренерот Армин Фе: “Мислам дека тимот има потенцијал и оти имаме многу млади играчи кои ќе бидат уште подобри. Во моментов, во нормални услови се’ уште не ни е местото на врвот. Но, во иднина Штутгарт секако повторно има перспектива”.

Хановер, кој во 11-тото коло одиграно сред недела постигна подвиг со победата над Баерн во Минхен, сега – по поразот дома од Штутгарт - повторно падна на позициите на табелата кои водат кон Втората лига. Но, тренерот Дитер Хакинг сепак е задоволен од претставата на неговиот тим: “Во првиот дел го одигравме најдоброто полувреме откако сум овде тренер. Мислам дека денеска навистина мораме да жалиме, оти самите си ја упропастивме заслужената награда”.

Вердер во вторникот си замина како победник од Нирнберг, но сега ја загуби лидерската позиција откако беше совладан во Бремен од Борусија Дортмунд со 3 спрема 1, што му е веќе втор пораз на домашен терен во ова првенство: “Бевме премногу пасивни. Моравме многу, многу порано да му се спротивставиме на тимот од Дортмунд, моравме да бидеме поагресивни во дуелите. Но, тоа не се случи” – оцени тренерот Томас Шааф.

Шалке држи чекор - и покрај спорот на тренерот Мирко Сломка со првиот голман Франк Рост, кој сега принудно местото на голот го замени за место на клупата за резерви. Во Мајнц Шалке победи со 4 спрема 0 и е на трета позиција, со 23 бодови, колку што има и Вердер и еден помалку од водечкиот Штутгарт.

На четврто место со 20 бодови е Баерн, кој во Леверкузен го совлада Баер со 3 спрема 2 и малку “се извади” за претходниот пораз дома од Хановер. Баерн, иако поведе, на 10 минути пред крајот се наоѓаше пред нов неуспех. “Баерн е победен дури кога натпреварот ќе заврши. Тие имаат толку многу индивидуален квалитет, што секогаш повторно можат да се вратат во игра” – со жалење мораше да констатира тренерот на домашниот тим Михаел Скибе, откако Баерн за само три минути, помеѓу 83-тата и 86-тата направи пресврт. “На пат сме повторно да бидеме стариот Баерн” – прокоментира Феликс Магат, по оваа прва победа во последните 4 првенствени натпревари.

Изненадување, барем на прв поглед, е Арминија Билефелд на петто место, со само бод помалку од Баерн. Но, со играта и резултатите тимот на тренерот Томас фон Хесен сосем заслужи таков висок пласман. Потврда се и убедливите 3 спрема 0 против Ајнтрахт и тоа во Франкфурт. Но, за високото место на Арминија на прволигашката табела придонесе и нерешениот резултат на Херта во Берлин против претпоследниот на табелата Бохум. Притоа, домаќинот е уште и задоволен, оти спаси бод по водството на гостите од 3 спрема 1.

Херта и Борусија Дортмунд имаат по 18 бодови, Волфсбург по нерешениот резултат 0 спрема 0 дома со Енерги од Котбус е осми со бод помалку, за исто толку зад Волфсбург, пак, заостануваат Енерги и Ајнтрахт. Баер Леверкузен е 11-ти со 15 бодови, Нирнберг и Алеманија Ахен зад него имаат по 14. Нивниот меѓусебен дуел во Ахен заврши без победник 1 спрема 1, Нирнберг и покрај добрата игра и водството, десетто коло последовно остана без победа, бидејќи домаќинот израмни во последните моменти од натпреварот. Но, тренерот Ханс Маер смирено сумира: “Се’ на се’, коректно реми, оти Ахен даде еден гол, а и ние исто толку”.

Борусија Менхенгладбах, која по 4 последовни порази од гостувањето во Хамбург се врати со бод и нерешен резултат 1 спрема 1, е на 14-то место со 13 бодови. “Од мој агол на гледање ова е за лутење. Се’ е добро и убаво дека освоивме бод, но денеска требаше да победиме” – незадоволен е тренерот на гостите Јуп Хајнкес. Неговиот колега од домашниот тим Томас Дол, и покрај големата криза на Хамбургер, кој има 10 бодови, колку и Хановер, може мирно да работи до крајот на првенството – за тоа доби јавно ветување од клупското раководство. Но, ако и во наредниов период изостанат очекуваните подобри резултати, тешко дека ќе може да се одржи како тренер и за пролетниот дел од првенството. На дното на табелата се Бохум со 9 и Мајнц со 8 бодови.

Средбата Баерн – Штутгарт е шлагер на 13-тото коло, кое ќе се игра на наредниот викенд, иако репрезентацијата в среда во квалификациите за Европското прврнство се среќава со Кипар.

Против Кипар без Леман и Подолски, но се враќа Мертезакер

Голот на репрезентацијата на натпреварот против Кипар в среда во Никозија ќе го брани Тимо Хилдебранд од Штутгарт, бидејќи првиот голман Јенс Леман е заболен од грип и не настапи ни за својот тим Арсенал во средбата против Ливерпул од првенството на Англија. Како резервен голман е повикат Роберт Енке од Хановер. На повреда се жали и Бернд Шнајдер, па и неговиот настап е доведен под прашање. Селекторот Јоахим Лев не може да смета ни на Лукас Подолски. Но, во репрезентацијата се враќа опоравениот Пер Мертезакер, кој отсуствуваше од повредата во полуфиналниот дуел на светското првенство против Италија.

Германија во квалификационата група “Д” има три победи од три одиграни натпревари. Билансот на Лев како сојузен тренер е импресивен: пет победи во пет средби и гол разлика од 23 спрема 1.

Од другите спортови

-Германскиот репрезентативец во пинг-понг Тимо Бол е победник на Џерман опен -турнирот во Бајројт, како и пред две години во Лајпциг. Тоа е негова севкупно десетта Про-тур титула. “Тоа беше навистина спектакуларна игра, имаше чудесни размени на удари” – рече Бол за финалниот дуел против Кинезот Хо Јингчао, што го доби со 4 спрема 3.

-Помладниот од браќата Кличко, 30-годишниот Владимир, ја одбрани титулата светски првак во бокс во тешка категорија во верзијата на Меѓународната боксерска федерација. Во Медисон сквер гарден во Њујорк Кличко го нокаутира во седмата рунда Американецот Келвин Брок. “Во нормални околности требаше порано да го победам противникот. Имаше грешки што ги направив во почетокот, не го доведов бргу мечот до крај. И покрај тоа, резултатот е добар, јас сум речиси комплетно задоволен, но и натаму ќе поработам врз одредени нешта” – рече Кличко.

Нему ова му беше 50-та борба како професионален боксер и 47-ма победа, 42-ра со нокаут. За предизвикувачот Брок, пак, ова беше прв пораз во кариерата.

-24-годишната Белгијка Жистин Енен-Ардан е нова светска првенка во тенис. Во финалето на првенството на Светската тениска асоцијација (ВТА) во Мадрид таа ја победи Французинката Амели Моресмо со 6 спрема 4 и 6 спрема 3 и ја смени и од првото место на светската ранг-листа. “Ова е убаво постигнување по величествена сезона, па сум многу задоволна поради тоа” – рече Енен-Ардан, која годинава ќе ја заврши како првопласирана на ранг-листата.