1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Штутгарт во клубот на “големите”

Биланс достоен за почитување: пет титули првак и три како победник на Купот на Германија. Пласманот во Лигата на шампионите - база за поставување темели за успешна иднина

default

Шампион 2007: Штутгарт

Штутгарт, по серија од осум последовни победи - последната на 19-ти мај годинава на својот Дајмлер-стадион против Енерги Котбус - ја обезбеди петтата шампионска титула во својата историја. По крајот на натпреварот против Енерги од Котбус се одигруваа неописливи сцени, какви што може да донесе само спортот, пренесе репортерот Оливер Фрик. Во центарот на градот потоа стотици илјади луѓе го поздравија тимот и тренерот Армин Фе, подоцна прогласен и за тренер на годината во Германија: “Кога би виделе што се случува овде. Тоа не сум го доживеал ни во моите најсмели соништа”.

Пет титули првак и три како победник на Купот на Германија – на таков биланс сигурно не можеа ни да помислат 20-темина ученици од Штутгарт и нивниот учител Карл Кауфман, кога во 1893-та година го формираа “Фудбалското друштво 93”. Подоцна со фузија настана “Друштвото за игри во движење”. Кратенката "фау-еф-бе" остана ознака на клубот до денес.

Големите успеси дојдоа по Втората светска војна - во 1950-та првата шампионска титула. Член на тимот беше и репрезентативниот одбранбен играч, денес 82-годишниот Ерих Ретер: “Градот Штутгарт уште беше само куп урнатини. Но, фудбалот имаше посебно место, а тимот одигра добри натпревари, па потоа дојде и титулата". Во финалето на првенството на олимпискиот стадион во Берлин пред сто илјади гледачи Кикерс Офенбах загуби од Штутгарт иако беше доминантен во поголем дел од натпреварот. Но, решавачка беше борбената сила на Швабите, опишуваа репортерите тогаш.

На 26-ти јуни фудбалските јунаци триумфално се вратија од Берлин, носејќи го шампионскиот трофеј. Ерих Ретер се сеќава дека биле пречекувани од навивачите на попатните станици, а круна било во Штутгарт. “Штутгарт ова не го доживеал, досега во градот никој не бил вака пречекан, како новиот германски првак во фудбал. Преку 200 илјади луѓе излегоа да го поздрават својот шампионски тим и да слават”, беше пренесено во медиумите.

Две години подоцна, предводен од тренерот Жорж Вурцер, Штутгарт повторно стана првак. Најуспешната деценија беше заокружена и со освојувањето на Купот во 1954-та и 58-ма. Тајната на успехот, според Ерих Ретер, била во хомогеноста на тимот: “Во 1950-та бевме речиси исклучиво само Шваби и поради тоа и другарството беше големо. Другите добро се вклопија. Се’ беше беспрекорно”.

Штутгарт во 1963-та се квалификуваше за новоформираната Бундеслига. На најниска точка дојде во 1975-та, кога испадна од неа. Во тоа време политичарот Герхард Мајер-Форфелдер стана претседател на клубот, за да го извлече од сивотијата и да го поведе кон нови успеси. Тој го постави клубот на професионална основа.

Штутгарт во 77-ма се врати во Бундеслигата, таленти како Ханзи Милер и Карл-Ханјц Ферстер станаа репрезентативци. Во 84-та Штутгарт по трет пат стана првак на Германија. Капитен беше Гидо Бухвалд, член и на германската репрезентација - светски шампион од 1990-та: “Прво воопшто не можевме да сфатиме. Дури во наредните денови малку по малку станувавме свесни за тоа”.

Гидо Бухвалд како капитен го предводеше тимот, трениран од Кристоф Даум, и во 1992-ра кон наредната шампионска титула - дури тој со глава го даде и решавачкиот гол за победа на гости кај Баер Леверкузен. “Бевме на крајот на силите, но и покрај тоа уште еднаш тргнавме напред. Тогаш ми успеа уште и да постигнам гол. Тоа беше прекрасен момент” – се сеќава Бухвалд. Штутгарт со “магичниот триаголник” Елбер – Бобиќ – Балаков во 1997-ма година по трет пат го освои и Купот на Германија со победа во финалето против Енерги од Котбус.

Со годинашнава шампионска титула и гарантираните милионски приходи од учеството во Лигата на шампионите клубот сега може да постави свртници за успешна иднина, смета сегашниот претседател Ервин Штаут: “Радо би сакале да обезбедиме одреден континуитет за нас, нашите навивачи и екипата и целосно ќе се ангажираме за да го направиме тоа”.

Керстен Ајхорн