1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Штутгарт води, Вердер воодушевува

13-тото коло на Бундеслигата не донесе промени на врвот, освен дека Баер Леверкузен за чекор подзаостана, па Вердер се уфрли на втората позиција. Штутгарт ја чува челната позиција, а освен победата од 3 спрема 1 против Хановер, задоволство предизвикува и продолжениот договор со репрезентативецот Андреас Хинкел до 2007- ма година. "Решавачко беше дека јас потекнувам од регионов, уште сум млад и овде можам оптимално да се развивам во лидерска улога. Поради тоа мислам дека ова беше најдобро решение", објасни 21-годишниот Хинкел, кој настапи во репрезентацијата на Германија на пријателскиот дуел со Франција претходната сабота. Два бода и едно место на табелата зад Штутгарт е Вердер, носен пред се' од извонредниот Бразилен Аилтон кој ја игра последната сезона во Бремен и наредната заминува во Шалке. Аилтон постигна хет-трик во мечот во кој Вердер го победи Бохум со 3 спрема 1 и води на листата на стрелците со 13 погодоци. Од Баерн, кој без блесок со 1 спрема 0 во градското дерби го совлада Минхен 1860, најавуваат дека Вердер, со кого на официјалниот шампион му претстои дуел по две недели, е фаворит за титулата во тековново првенство. Воодушевување од играта на Вердер искажа и селекторот на германската репрезентација Руди Фелер.

Во Дортмунд 81 500 гледачи - клупски рекорд за Борусија, но и крај на победничката серија и само нерешен резултат 2 спрема 2 против Баер Леверкузен. Највозбудлив натпревар одиграа Кајзерслаутерн и Херта. Водството од 2 спрема нула не им беше доволно на гостите од Берлин - во второто полувреме тие примија 4 голови од кои 3 постигна Мирослав Клозе. "Ова за мене значи многу. Имаше многу немир спроти средбата, но фала богу јас можев добро да се концентрирам врз натпреварот. Им се радувам на трите постигнати голови", рече Клозе. Значајни успеси - и тоа како гости - постигнаа Ханза Росток - 1 спрема 0 против Шалке во Гелзенкирхен, и Борусија Менхенгладбах, која во Волфсбург беше уште поубедлива - победи со 3 спрема1. "Среќен сум прво што победивме, а секако и поради тоа што веќе не морам како секогаш да читам 'До сега се уште без забележана победа", вели тренерот Холгер Фах, алудирајќи на серијата од 21 натпревар без победа на гостувањата! Без победа и без постигнат гол е Келн во двете средби откако кормилото го презеде Швајцарецот Марсел Колер. "Екипата стори се' што може, но тоа не беше доволно. Во последните 20 минути веќе немавме сила. Ние немаме сила за навистина да одржиме темпо во сите 90 минути", оцени Колер по поразот дома од Хамбургер со 1 спрема 0. Еднакво мрачна атмосфера, како и во Келн, владее и во Анјтрахт Франкфурт, поразен во Фрајбург со 1 спрема 0 по единствената, но катастрофална грешка на голманот Ока Николов, поранешен македонски репрезентативец.