1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Штрук предупредува од раздор во Европа

Дебатата за Европа со две брзини не смее да стане извор на поделби во Унијата, предупреди денеска германскиот министер за одбрана Петер Штрук на Форумот на Фондацијата Бертелсман, на кој учествуваат и 30-тина врвни политичари од старите и новите членки на ЕУ. Германската политика мора особено внимателно да се однесува на овој план и при тоа да не дозволи исклучување на Велика Британија или други држави, кои сакаат натамошна потесна интеграција во европското семејство. Идејата за јадро држави кои забрзано ќе се интегрираат ја протежира особено францускиот претесдател Жак Ширак. Канцеларот Герхард Шредер го смета ваквиот развој за можен, но порадо сака да го одбегне и затоа бара донесување на Уставот најдоцна до крајот на годинава.

Штрук на Форумот во Берлин се изјасни и за стратешки дијалог на ЕУ и САД околу темелите на заедничката безбедност. Светската супер сила не е во состојба самостојно да ја обезбедува глобалната сигурност. Европската безбедносна стратегија во тој контекст е важен придонес за глобалното обезбедување на мирот, иако е сосема јасно дека НАТО и понатаму останува гарант на безбедноста - нагласи германскиот министер за одбрана Шетер Штрук.

Учесниците на Форумот во Берлин имаа пладневна пауза, по што пред малку продолжи дебатата околу Уставот и алтернативата за Европа со две брзини, која инаку доминира на оваа прва средба на врвни европски полтиичари по пропаѓањето на самитот посветен на Уставот.

Ирското претседателство со Унијата е соочено со тешката задача за донесување на Уставот. Иако последниот чекор се чини дека е најтежок, актуелниот претседавач, ирскиот премиер Берти Ахерн, сепак гледа можност за постигнување компромисно решение во оваа година:

"Перспективата е сега сите заедно да работиме на тоа. Тоа е најдоброто што можеме да го сториме. Не би требало да зборуваме за Европа со две или три брзини, туку со заеднички сили да бараме компромиси. За тоа лично ќе се заложам."

Шефот на германската дипломатија, Јошка Фишер, му вети на Ахерн полна поддршка во таа насока, нагласувајќи дека цел е донесување на Уставот уште во текот на оваа година. Истовремено Фишер меѓутоа предупреди од опаснота што и' се заканува на Европа доколку нема ефикански институции:

"Ако не дојдеме до компромис, тогаш ќе имаме Европа со различни брзини. Ако тоа не го сакаме, пак, мораме што е можно побрзо да постигнеме заедничко решение во рамките на процесот на донесување на Уставот."

Се' до донесувањето на новиот Устав, на сила се одредбите од договорот од Ница, со кој Шпанија и Полска добиваат речиси еднаков број гласови во министерските совети, како и Германија, која има двојно поголемо насление. Тоа меѓутоа не е вистинскиот проблем, посочи Фишер:

"Проблемот со Ница е нешто сосема друго. Механизмите на решавање донесени во Ница се потпираат врз можноста за создавање малцинство, кое ќе ги блокира процесите, тоа е решавачкиот момент. Според моделот од Ница доволни се 90 гласови и може се' да се блокира."

Унијата во мај годинава ќе се прошири и официјално со нови 10 членки и токму затоа не смее да биде толку лесно да се блокираат одлуките во рамките на Советите. Ова впрочем го тврдат сите заговорници на Уставните решенија. "Светот нема да чека на Европа" - посочува шефот на германската дипломатија. А Европа нема да може да биде подготвена за дејствување во таквиот свет, доколку постојано се заплеткува во кавги околу мнозинството гласови и околу парите. Фишер побара исто така давачките на ЕУ да не растат и покрај нејзиното проширување за 10 нови членки. Наспроти тоа, постојните финансиски средства треба подобро да бидат распределени.

"Издатоците на ЕУ мора да се стабилизираат на сегашното ниво. Тие ни во иднина не смеат да изнесуваат повеќе од еден процент од бруто-националниот приход."

Фишер исто така се заложи за преговори за пристапување на Турција кон Унијата, за што Европа мора да донесе решиние годинава. Централен критериум во таа насока мора да биде напредокот на Турција во реформите. И турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој учествуваше на конференцијата, се заложи за јасна перспектива за прием на неговата земја во ЕУ.