1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Штрајк со глад во затворот Гвантанамо

Се’ повеќе затвореници во американскиот затвор во Гвантанамо се приклучуваат кон штрајкот со глад, кој започна минатата недела. Неколкумина од нив присилно добиваат храна.

Се’ повеќе затвореници се приклучуваат кон штрајкот со глад во затворот во Гвантанамо на Куба, потврди американската армија. До вчера 24 затвореници штрајкувале со глад, а осуммина биле во толку тешка состојба што морале да бидат насила хранети, соопшти портпарол на базата во која е сместен затворот.

Во моментов во затворот се наоѓаат 186 затвореници уапсени за време на антитерористички операции. Најголемиот дел се таму веќе 11 години без никакво формално обвинение.

Штрајкот го започнаа 14 затвореници минатиот петок. Нивните адвокати тврдат дека штрајкот е уште еден показател за нивната безнадежност дека некогаш ќе бидат ослободени.

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама досега одреди повеќе од половината од затворениците за трансфер или ослободување, но Конгресот го одби барањето за затворање на кампот и нивно преместување. Голем дел од затворениците се од Јемен, а САД не сакаат да ги вратат поради нестабилноста во нивната матична земја.

Повеќе од 50 адвокати, кои ги застапуваат затворениците, минатата недела упатија писмо до секретарот за одбрана Чак Хејгел во кое побараа негова помош во окончување на штрајкот. Адвокатите тврдат дека дел од затворениците загубиле повеќе од 10 килограми од телесната тежина и дека првиот штрајк со глад започнал на почетокот на минатиот месец и во него учествувале околу 100 затвореници. Тие биле лути затоа што била вршена ригидна контрола на нивната приватна пошта, фотографии и биле уништувани примероци на Коранот. Американската армија ги демантираше овие тврдења.