1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Штрајк ги парализира аеродромите

Во воздушниот сообраќај во Германија денеска дојде до тешки турбуленции, на аеродромите во Диселдорф и во Келн/Бон штрајкува персоналот за безбедност. Прекинот ќе трае цел ден, а ќе продолжи и утре.

Патниците од овие аеродроми денеска се соочени со големи доцнења. Аеродромот во Диселдорф предупреди дека доаѓа до целосно изместување на планот на летови, патниците пред патувањето треба да стапат во контакт со своите авиокомпании.

Во Диселдорф денеска се откажани над 100 авионски летови од вкупно планираните 530. На аеродромот Келн/Бон претпладнето стартувале само четири од 25 авиони.

Прекинот на работата започна денеска утрото во 4 часот, а синдикатот Верди го најави протестот доцна синоќа. На овој начин синдикатот сака да изврши дополнителен притисок во тарифните преговори со Сојузното здружение на браншата на безбедноста.

Минатиот петок со штрајк беше закочен аеродромот во Хамбург, каде беа откажани 63 од вкупно 176 авионски летови, а околу 12 илјади патници останаа на земја и не можеа да патуваат.

Верди за персоналот кој работи на безбедноста на аеродромите во покраината Северна Рајна Вестфалија бара единствена сатнина од 16 евра, додека досега таа изнесува најмногу 12,36 евра.

„Тоа се луѓе кои треба да спречуваат терористички напади“, истакна портпаролот на Верди Гинтер Иземајер. Синдикатот бара зголемување на платите и за вработените во безбедноста во другите бранши. Работодавачите во Северна Рајна Вестфалија пред неколку недели одбија да ги продолжат преговорите.