1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Штрајкови на неколку аеродроми во Германија

По четири дена пауза, продолжува штрајкот на аеродромот во Хамбург. Синдикатот Верди утре организира прекин на работата и на аеродромите во Келн/Бон и Диселдорф, барајќи повисока плата за персоналот од обезбедувањето.

Тарифниот конфликт во браншата на обезбедувањето во Хамбург и во покраината Северна Рајна Вестфалија продолжува и натаму со несмалена жестина. Синдикатот Верди за утре претпладне најавува нови штрајкови на персоналот од обезбедувањето на аеродромите во Диселдорф и Келн/Бон.

Пред терминалите на аеродромот во Хамбург денеска повторно бескрајни редици: персоналот од обезбедувањето по четири дена пауза го продолжија штрајкот и со тоа предизвикаа значителни пореметувања во авиосообраќајот. Од 181 планирани летови, 140 се откажани. Не се реализирани ниту 22 планирани слетувања на авиони. Денешниот ден е во знакот и на големи доцнења и пореметување во планот на летање. Патниците треба да се информираат на интернет дали нивниот лет ќе биде реализиран, соопшти аеродромот.

„Состојбата е уште потензична отколку минатиот пат“, изјави портпаролката Штефани Хардер.

Синдикатот Верди бара значително поголеми плати за персоналот на приватното обезбедување, досега нема знаци на приближување со ставовите на работодавачите.

Штрајкувачите во Хамбург бараат 14,50 евра за работен час, работодавачите се подготвени да дадат 12,75 евра како прв чекор и 13,50 евра за час во идната година. Моментно сатнината изнесува 11,80 евра.

„Жал ни е поради штрајкот, но тој беше неизбежен“, изјави претставникот на Верди, Петер Бреме. Работодавачите пак реагираат огорчено на прекинот на работата, обвинувајќи дека не можат да се потпрат на Верди и нивниот преговарач.

Уште ноќеска стотици патници чекаа на терминалите на аеродромот во Хамбург на проверка од страна на персоналот на обезбедувањето. Противпожарната служба и Црвениот крст ги снабдуваа цела ноќ патниците кои чекаа со вода и храна.