Што ќе и донесе на Македонија форумот на НАТО во Охрид? | Македонија | DW | 27.06.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што ќе и донесе на Македонија форумот на НАТО во Охрид?

Политичката стабилност, одржливи реформи и владеењето на правото се најважни за евро – атланските интеграции на Македонија, вели националниот координатор за НАТО, Никола Димитров. Интервјуто го водеше Зоран Јордановски.

default

НАТО

ДВ: Господине Димитров што значи воопшто доделувањето на Македонија организација на една ваква манифестација дотолку повеќе што е таа воопшто втора што е оддржана. Првата беше пред две години во Шведска.

Никола Димитров:„Се работи прво за една исклучително убава можност за презентација на убавините на нашата културна престолнина, градот Охрид, и истовремено извесно признание за улогата на Република Македонија во ЕАПС, европскиот партнерски совет. ЕАПС е тело што настана во 1997 година кога НАТО заклучи дека треба да ги зајакне институционалните односи со партнерите, и тело што разоговара за актуелните безбедносни прашања што ја тангираат Европа и Северна Америка и во основа светот. Првиот таков собир се оддржа во мај 2005 година во Шведска. Ова сега е вториот безбедносен форум. Еден вид во рамките на Советот, еден вид интензивирана дискусија за актуелните теми во моментов. Во Охрид во четврток и петок ќе се разговара за три теми. Ќе има три панела. Едниот ќе го тангира Балканот, косовското прашање, иднината на Балканот и евроатланските перспективи за членство на земјите од регионот. Втората тема е мисијата во Авганситан, како да се успее односно да се победи во конфликтот и како да се победи во мирот? Прашања што се исклучително актуелни и за трансформацијата на НАТО и за иднината на НАТО и за соработката на НАТО со другите меѓународни оргнизации. И третата тема која што пред неколку години стана актуелна е енергетската безбедност. Каква би била улогата на НАТО во овој поглед, стратешките односи во контекст на енергетската безбедност, извори на кои може да се смета долгорочно. Тоа ќе бидат темите.“

Големите земји членки најавија дека сепак нема да дојдат на ниво на министри, туку сепак на пониско ниво, на ниво на амбасадори во НАТО. Како го толкувате тој момент?

Никола Димитров: „Вообичаено од средби на министерско ниво произлегуваат некакви конкретни одлуки, многу често завршни декларации, завршни резолуции. Кога целта е дискусија, тогаш вообичаено министрите за надворешни работи или за одбрана, од да речеме поголемите земји, иако во рамките на Советот сите членки се еднакви, меѓутоа некои се повеќе некои помалку влијателни. Вообичаено е да имаат помал интерес кога нема финален документ од форумот. Меѓутоа имаме околу 20 тина министри, повеќе заменици министри, државни секретари и амбасадори од Брисел кои дневно работат на овие теми и не може да се потцени нивното учество. НАТО исто така има интерес овој форум да има голем успех, бидејќи НАТО е носителот ние сме земја домаќин, меѓутоа Алијансата е органзаторот, претседавач е генералниот секретар. Имаме заемен интерес овој настан да успее и исто така се обидуваше да ја потенцира важноста. Мислам дека има прогрес во однос на минатиот безбедносен собир во Шведска каде имаше помал одзив на високо ниво. Неможе да се потцени овој настан.“

Настанот доаѓа во време на „ жешката фаза“ на кандидатурата на Македонија за членство во НАТО. Сите се во очекување дали ќе стигне покана наредната година за Македонија да стане полноправен член на Алијансата. Сигурно е дека еден ваков настан неможе да биде пресуден но може да влијан во смисла на подобрување на имиџот на земјата.

Никола Димитров: „Во самото прашање на некој начин го имплициравте одговорот. Една совршена организација и презентација на убавините на Охрид и асоцијација на Македонија неможе да биде пресудна меѓутоа може да помогне. Она што е пресудно е перцепцијата дека оваа земја има стабилна демокаратија, дека политичките кризи ги решава самостојно и дека не апсорбира туку придонесува во безбедноста. Се разбира има и многу други критериуми но тоа е во основа она што ќе биде пресудно и таа одлкуа ќе се формира во наредните месеци, а ќе кулмнинира кон крајот на годината, во ноември - декемрви веќе ќе има сигнали околу тоа дали ќе имаме позитивна одлука и покана за членство на Самитот во Букурешт во април 2008 година или не.“

Каде Вие како национален координатор во моментов ги гледате слабите точки на македонската кандидатура. Вообичаено се укажува на неколку точки, трансформација на судството, дијалог влада опозиција. Како Вие ги гледате и ги оценувате забелешките и сопствените слабости?

Никола Димитров: „Април 2008 година за Македонија нема да биде тест кој треба да се положи и натаму работата да биде завршена. Реформите се нешто што го прават и членките на НАТО. Реформи се спроведуваат и во земјите на Западна Европа така што јас не би го гледал април како рок до кога Македонија треба се да изврши и тогаш ќе биде готово со реформи. Меѓутоа битно е земјите членки да имаат импресија дека оваа земја врши оддржливи решенија кои се иреверзибилни. Дека Македонија оди во еден правец од кој што нема алтернатива и нема враќање назад. Во таа смисла најважното прашање е политичката стабилност бидејќи ние имаме демократија во услови на мултиетничко општество и битно е да создадеме имресија која е реална и се отсликува во сите испитувања на јавното мислење дека има релаксирани меѓуетнички односи и дека проблемите се решаваат во рамките на системот. Оваа импресија треба да ја добијат и земјите членки. Овој да речеме голем критериум може да се разглоби на спроведување на Рамковниот договор, правичната застапеност, децентрализацијата што започнува од 1 јули, употребата на јазиците, односите на политичките партии во овој контекст кои никогаш нема да бидат идеални, како што не се идеални никаде, меѓутоа да се премине прагот каде проблемите ќе се решаваат на зрел начин. Тоа е едниот крупен столб. Вториот крупен столб е владеењето на правото. Ние и во другите области на пример реформите во одбраната каде сме доста далеку и таму треба да продолжиме. Меѓутоа кај владеењето на правото мора да демонстрираме, прво овој општ политички консензус да се претвори во усвојување на двата закона во однос на Јавното обвинителство, комплетирање на Судскиот совет, меѓутоа и поконкретно функционирање на судскиот систем, судско решени на поголемите случаи во делот на организиран криминал, борба против корупцијата, борба против трговија со луѓе. Во крајна линија тоа не го правиме само за да бидеме поканети за членство, тоа го правиме за да во Република Македонија владее правото и во интерес на граѓаните на Република Македонија. Тоа ќе требаше да го правиме и без да сакавме да бидеме дел од Алијансата. “

Три земји Македонија, Хрватска и Албанија се здружија во т.н Јадранска повелба за заеднички полесно да го изодат патот за членство во Алијансата. Со приближувањето на моментот, кога ќе треба да се одлучи кој ќе треба да и се придружи на Алијансата од САД, чиј глас има посебна тежина во рамките на НАТО, доаѓаат отворени знаци за поддршка на Хрватска, кога е во прашање Македонија и Албанија тие знаци не беа толку недвосмислени. Сега го имаме и краткото писмо на претседателот Буш по средбата во Тирана. Како воопшто Вие би го протолкувале?

Никола Димитров: „Идејата на групата беше да нема меѓусебен натпревар кој штети, каде што земјите не се натпреваруваат која е подобра и не ги истакнуваат негативните страни на другите. За да бидат сите три посилни и да бидат поинтересни за членките на Алијансата бидејќи во основа реално трите земји се мали земји, а проширувањето подразбира механизам што значи 26 реатификации низ 26 национални парламенти и во секој случај стратешки гледано покрупно ќе биде проширувањето со трите откоклу со една или со две. Затоа проблематично е кога се мерат земјите, иако од аспект на јавноста е разбирливо. Тоа е едната димензија. Втората димензија, разликата со Хрватска започна со средбата на премиерот Санадер со претседателот Буш минатата година 2006 во Вашингтон и во голема мера е резултат на различните предизвици што ги има Хрватска на својот пат кон членството, во однос на предизвиците на Република Македонија. Таму за разлика од Република Македонија каде поддршката на јавноста е огромна близу 90 проценти, Хрватска константно спроведува стратигии за односи со јавноста за да ја подигне поддршката, а поддршката на јавноста е многу важна, бидејќи за да влезете во НАТО прво треба јавноста да сака да влезете во НАТО. Ако за Македонија за да ги надмине своите предизвици се важни критиките, притисок во форма на критика, за Хрватска за да ги надмине своите предизвици се важни пофалбите. Ако велите дека сте спремни, се очекува да се подигне и поддршката. Не велам дека ова е единствената причина поради која има ваква перцепција. Хрватска имаше голем проблем со условот Хашки трибунал. Меѓутоа по завршувањето на случајот Готовина имаат позитивен развој и одат во исклучително добра насока. Тоа е добро за Македонија, за Албанија и за регионот.“

Може до истекот на мандатот на претседателот Џорџ Буш да се очекува евентуално уште некоја радосна вест како што е членство во НАТО.

Никола Димитров: „Мислам дека тоа е како што претходно спомнав мислам дека е добра вест за Македонија, добра вест за политиката на Вашингтон, добра вест за Брисел за НАТО Алијансата. Јас сум голем оптимист, јас верувам дека долго чекавме на еден вид верификација на нашата транзиција и мислам дека е време оваа историска прилика да ја искористиме. “