1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што ќе донесе Лисабонскиот договор за Македонија?

Вацлав Клаус и ЕУ најдоа заеднички јазик. Во замена за бараните отстапки, чешкиот претседател го потпиша Лисабонскиот договор. За Македонија ништо не се менува, освен новонастанатата политичка волја за проширување.

default

Лисабонскиот договор

Усвојувањето на Лисабонскиот договор нема да донесе промена за Македонија во однос на грчкото вето. Правилата во ЕУ остануваат истите. За старт на претпристапните преговори, за отворањето и затворањето преговарачки поглавија и за приемот на нови земји членки во европскиот клуб, консензусот останува златното правило. Поради тоа Македонија не треба да се надева дека ќе може да избегне договор со Грција за спорот околу името, кој е последниот услов за долгоочекуваните претпристапни преговори.

ЕУ ќе ја поврати загубената самодоверба

Но, она што ќе се смени во ЕУ откако ќе се усвои оваа омекната верзија на закопаниот европски Устав е политичката волја кај сите земји членки. Иако формално

Bundeskanzlerin Merkel und Nicolas Sarkozy

Ангела Меркел и Никола Саркози

досега и без Лисабонскиот договор немаше пречка за политиката на проширувањето, неспорно е дека ентузијазмот беше на нула. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози во повеќе наврати порачаа – без договор не размислуваме за проширувањето.

Отсега натаму работите ќе се менуваат, а ЕУ ќе си ја поврати загубената самодоверба, објаснува аналитичарот Марко Инчерте, од Центарот за Европски политички студии. Тој потенцира и дека е важно што со новата повелба се поедноставуваат механизмите на гласање во самата ЕУ. „Канцеларката Меркел и претседателот Саркози особено гласно изјавија дека за нив натамошното проширување е невозможно без усвојувањето на Лисабонскиот договор. Но, исто така од техничка гледна точка, ова ќе донесе промени кои ќе го олеснат приемот на нови членки, пред се’ поради системот на двојно мнозинство. Досега бројот на гласови за секоја нова членка требаше да се договара со секој нов прием, што секогаш водеше до жестоки политички борби, требаше време за да се одлучи бројот на гласови и да за да се ребалансираат гласовите. Во иднина ќе имаме систем заснован само на процентот на населението и на државата така што дури и кога ќе се промени бројот на земји членки, ќе биде поедноставно да се одреди мнозинскиот систем на гласање и ќе го олесни приемот на нови членки“

Коцките се редат во корист на Македонија

Новонастанатиот политички ентузијам, Македонија треба да го искористи. Иако не може да избегне договор со Грција, сепак таа може да работи на враќање на изгубените симпатии. Многумина го посочуваат седми

Nikola Gruevski Giorgos Papandreou

Груевски и Папандреу на првата средба во Брисел

декември како ден кога ЕУ би можела да испорача и конкретен датум за почеток на преговорите за Македонија. Овој период се чини многу кус доколку македонската влада инсистира на спроведување на референдум за името. Притоа, досегашната пракса покажува дека се’ додека во една земја има специјален претставник на Хавиер Солана, односно на Советот, преговорите не можат да започнат. Овој мандат во Македонија го има Ерван Фуере и тој завршува на крајот на март. Дипломатите во Брисел објаснуваат дека досега е невидено една земја со таков претставник да преговара за членство. Сепак доколку се направи сериозен исчекор во спорот за името, земјите членки би можеле да го погазат и ова правило и Македонија сепак да го добие датумот за преговори, велат дипломатите. Коцките се чини се редат во корист на Македонија. Во Брисел, пред помалку од една седмица се сретнаа македонскиот и грчкиот премиер. Кога на тоа ќе се додаде позитивната атмосфера, која ќе произлезе од усвојувањето на Лисабонскиот договор, следните месеци ветуваат големи промени.

На крајот на наредната недела, европските лидери ќе свикаат вонреден самит по повод прифаќањето на Лисабонскиот договор во Чешка. Таму ќе се разговара и за составот на новата Европска комисија, што ќе биде уште една многу важна етапа на патот на Македонија кон ЕУ. Големи се шансите Оли Рен да остане на истото место, а се’ почесто се споменува и поранешната австриска министерка за надворешни работи Урсула Пласник. Изборот на новиот комесар за проширување ќе биде од голема важност за целиот регион.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска