1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што ќе дарува новата германска влада?

Предбожиќна атмосфера во кабинетот од восочни фигури во Берлин. Канцеларката Ангела Меркел во божиќно руво донесе вреќа полна со убави изненадувања. Дали дарувањето од владата може на крајот да биде непријатно?

Од вреќата треба да излезат милијарди евра, иако никој не знае од каде да се обезбедат тие. Најголемиот подарок од вистинската канцеларка од крв и месо и партнерите од големата коалиција ќе го добијат пензионерите.

„Ме радува што на први јули наредната година, покрај пензија за мајки, планираме да воведеме и инвалидска пензија, што за многу вработени е битен пункт. Ќе имаме и солидарна пензија за лицата со прениска старосна пензија“, изјави канцеларката Ангела Меркел.

„Ме радува што пензијата за мајките доаѓа на први јули 2014, покрај повеќе други нешта“, објасни Хорст Зехофер, претседател на ЦСУ.

„Овде станува збор за долгогодишни вработени, на кои сакаме да им овозможиме одење во пензија без да доживеат драстични финансиски загуби. Верувам дека ова е акт на праведност“, рече канцеларот и претседател на СПД, Зигмар Габриел.

Но, што е со наредните генерации? Семејствата и студентите ќе останат речиси со празни раце. За некои експерти, при делењето на подароците недостасува визија.

Bildergalerie Weihnachtsmann rund um die Welt

Канцеларката Ангела Меркел, како восочна фигура, облечена во божиќно руво

„Имам впечаток е дека ова е еден релативно дефанзивен настан. Тие зборуваат за задачи кои стојат пред владата, но не ги поврзуваат со структурните проблеми во Германија, посебно не со некоја идеја за тоа како Германија се развива, како живее општеството и како треба тоа да изгледа по четири или можеби по десет години“, оценува Гero Нoојгебауер, политиколог на Слободниот универзитет Берлин.

Синдикатите немаат приговор за првиот великодушен подарок од големата коалиција. Тој нив дури и ги изненади.

„Постигнавме значителни подобрувања кај пензиите. Искрено да кажам, во почетокот одвај да го сметав за можно тие да бидат спроведени преку оваа коалиција“, изјави Михаел Зомер од Германскиот сојуз на синдикати.

Инаку синдикатите повеќе негодуваат. Навистина, ќе се воведе законска минимална плата од бруто 8,50 евра за час, но предоцна и со многубројни исклучоци.

Große Koalition Vertragsunterzeichnung

Коалициските партнери сметаат дека договорот е компромис од нивните изборни ветувања

„Одамна беше познато дека прашањето за еднаква законска минимална плата во државата беше една од најголемите пречки што моравме да ги надминеме. Затоа ме радува што успеавме и можеме да кажаме дека ја воведуваме на први јануари 2015. година. Но, постои можност за отстапување за дополнителни две години, ако други колективни договори се се’ уште важечки или допрва бидат склучени“, изјави Меркел.

Работа на шефот на владата е и останува менаџирањето со кризата на еврото. Меркел и натаму ги принудува кризните земји како Грција на остар курс на штедење. Барањето на СПД не најде место во коалицискиот договор - во силна економија и образование ќе се инвестира помалку. Вицеканцеларот зборува многу не кажувајќи ништо.

„Сметам дека ова ќе ни успее само ако им дадеме на луѓето во Европа перспектива за работа и ако истовремено повторно ја ослободиме европската идеја од рацете на бирократијата“, рече вицеканцеларот Габриел.

„Развојот на Европа тука многу силно се потпира врз економската улога на Германија и врз очекувањата за стабилност и развој. Се’ друго останува на ниво на општи изјави“, оцени политикологот Нојгебауер.

„Овој коалициски договор несомнено е на товар на иднината, на товар на наредните генерации и на товар на климата. Ова е драматично - енергетскиот пресврт не доби подршка од гласачите на изборите и сега повторно приоритет имаат фосилните енергии, посебно јагленот“, критикува Кетрин Геринг-Екарт, шефица на пратеничката група на Сојузот 90/Зелени.

Коалицискиот договор е документ кој привлече внимание и во странство. На 185 страници има што сакаат коалиционерите и што не сакаат - или обете. Спорна тема во него е патарината за странци. Сепак, коалициските партнери демонстрираат релаксираност. Има многу прашања со повеќе од еден одговор. Но, можеби тоа на крајот не е ни толку важно.

„Коалициските договори не се правно обврзувачки. Може да се каже - ќе го поместиме ова на долг рок, ова ќе го отстраниме; значи, коалицискиот договор не мора да игра никаква улога во практичната работа на владата, ако им е од интерес таа да опстане“, смета политикологот Нојгебауер.

А, што навистина се наоѓа под божиќната елка? Од радосното исчекување на големите подароци од големата коалиција, може да испадне прилично непријатно дарување.