1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што ја чека идната македонска влада?

Се очекува Mакедонија наскоро да го добие новиот владин кабинет. Проблемите во економијата се стари и добро познати, но политиката ги одредува приоритетите. Кои се најголемите економски проблеми?

default

Стари проблеми пред новата влада

На една страна се немилосрдните бројки од над 30 проценти сиромаштија и невработеност, на друга страна се охрабрувачките прогнози за раст на економијата. На терен, односно во реалниот живот, се граѓаните кои живеат се‘ потешко. Квалитетот на живот опаѓа, задолженоста на граѓаните расте, исто како и цените. Таква е сликата на македонската економија што ќе ја затекне новата влада. Приоритетите се наметнуваат сами. Аналитичарите советуваат новиот владин тим да се зафати со мерки што ќе спречат продлабочување на социјалната криза, објаснува за Дојче веле еден од најискусните македонски политичари, Стојан Андов.

„Долгот на државата расте, но расте и задолженоста на граѓаните, на домаќинствата. Шансите да се најде работа и извор на дополнителен приход се намалуваат. Социјалната напнатост ќе биде голема и кој и да дојде ќе има големи тешкотии заради зголемениот долг кон странство, со кој не е разрешен структурален стопански проблем, да ја зајакне на пример енергетската основа, да се подобрат сообраќајните услови, туку отиде на тековна потрошувачка“.

Mazedonien Land und Leute

Неопходно зајакнување на стопанството

Државата-главен играч на пазарот

Реален товар за кревката македонската економија е прекубројната, нестручна и политизирана администрација, се‘ поголемите долгови дома и кон странство. Стратешки инвестиции нема, расте бројот на компании со блокирани сметки и на граѓани кои живеат на кредит. За слаба точка на македонската економија се смета фактот што главен играч на пазарот е државата. Таа е најголем потрошувач и инвеститор, сега по изборите се очекува предизборните трошења да се намалат што дополнително ќе погоди бројни економски сектори. Како да се надмине тоа?

„Македонија иманизок стандард на живеење. Македонија има над 30 проценти степен на сиромаштија, голема невработеност. На такви економии не им треба минимален раст во економијата, туку рапиден развој“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Аналитичарите и економистите се согласни во оценката дека новата Влада ќе мора да преземе мерки за реално подобрување на бизнис климата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска