1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Што ја боли Мона Лиза?

default

Мона Лиза, без сомневање е една од најпознатите слики во светот. Таа се идентификува со музејот Лувр и воопшто таа е синоним за уметноста.

Скриена зад дебелото стакло, кое е штити од климатските варијации, блицовите на фото апаратите и од евентуалните крадци. Таинствената насмевка на Џоконда, привлекува милиони посетители, кои за да му се восхитуваат на ремек делото на Леонардо де Винчи, мораат да чекаат стрпливо по неколку часови во еднонасочната колона на туристи.

Мона Лиза насликана на тенка плоча од тополово дрво, голема само 77 на 53 сантиметри, успешно му одолеваше на забот на времето. Но, годините си го прават своето.

Ѓоконда денес има пет века. Леонардо де Винчи започнува да ја слика во 1503-та, за веме на неговиот престој во Фиренца, носејќи ја со него на дворот на францускиот крал Франсоа Први, каде го доработува портретот во 1506. Франсоа Први ја купува и таа станува дел од кралската колекција се до создавањето на централниот музеј на Уметностите од Лувр во 1793.

Во 1911 италијанскиот сликар, Виченцо Перуџиа ја краде убавицата за да ја однеси во родната Италија, по две годишна полициска истрага таа се враќа во Париз, кој го напушта само на два пати: во 1963 за Соединетите Американски Држави и во 1974 за Јапонија, каде беше изложувана. Нејзиниот бурен живот, не останува без последици. Денес тоа е научно потврдено, уметничките дела бараат специфична конзервација. Главниот конзерватор на Лувр, Вансан Помаред не ја исклучува можноста Мона Лиза да биде скриена од очите на публиката на еден или два дена, за да се работи на нејзината идна заштита.

Таа кога во 2005 ќе се најде во новата сала во Лувр, наречена “салата на Државите”, ќе добие и нова стаклена заштита. Претходно Центарот за научни испитувања за реставрација на музеите на Франција, ќе треба да ги проучи болките на петвековната Мона Лиза. Таа страда од влагата. Тополовото дрво, врз која е ставен нејзиниот портрет, слично како и македонските икони кои се сликани на дрво, нормално реагира на влагата на униформизиран начин. Но во последно време, конвексното пано започна да реагира повеќе од едната страна отколку од другата. Во минатото позадината на сликата, веќе била поправана од столарите кои ги пополниле пукнатините со дрвени “пеперутки”.

Студијата ќе треба да дозволи не само да се изнајде лек за “болеста” на Ѓоконда, туку и да се дознае нешто повеќе за техниката “сфумато” и материјалот кој го употребуваше Леонардо Де Винчи. Односно сликање со многу тенки слоеви на скоро прозирна боја, што му дозволи да ја рафинира славната и енигматична насмевка и да игра со суптилните ефекти на светлината на прозирно - матниот тен на Мона Лиза.

Но за нејзиниот идентитет сигурно дека нема да дознаеме ништо повеќе. Ѓоконда останува таинствена, нејзиното француско име доаѓа од презимето на сопругот на младата Мона Лиза, богатиот Францеско ди Бартоломео ди Заноли дел Ѓокондо.

Но тоа можеби не е ни толку значајно! “Еден добар сликар треба да претстави, главно две нешта : персоната и нејзиното духовно расположение”, велеше самиот Леонардо де Винчи.

Да се слика душата, наместо физичкиот изглед е всушност крајната цел на неговото дело и на техниката “сфумато”, осветлувањето на портретот со светлиот - мрак, ја акцентира мистеријата на делото. Мистериозната насмевка на Мона Лиза и покрај клиничката студија, нема да биди разрешена, но на Ѓоконда можиме само да и посакаме и понатаму да ги воодушевува генерациите на вљубеници во сликарството.