1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што требалo да прави Степинац, а што Берголио?

Што треба да прават црковните великодостојници во диктатурите? Што требалo да прави Алојз Степинац во Независната држава Хрватска, а што Хорхе Марио Берголио, сегашниот папа, во време на воената хунта во Аргентина?

Тие што го гледале филмот Евита, за вдовицата на аргентинскиот водач Хуан Перон, која потоа и самата застанала на чело на државата, имаат барем приближна слика за хаосот кој владеел уште во текот на последните денови од перонистичкиот режим. Хуан Перон на власт дошол по пучот во земјата, а Втората светска војна ја минал во Италија „студирајќи“ го фашистичкиот режим на Мусолини. Тој на почеток привлекол многу Аргентинци со ветувања за златно доба и благосостојба за сите граѓани. Пред, а и по неговата смрт, во земјата се случувале побуни. Него го наследила неговата сопруга Изабел Мартинез де Перон, но неjзе никој не и‘ обрнувал внимание. Алијансата на антикомунистите на Аргентина (ААА), која била паравоена формација, спроведувала терор врз неистомислениците. По извршениот воен пуч во 1976 година на власт дошол командантот на аргентинските вооружени сили - Хорхе Видела.

Papst Franziskus Leben in Argentinien

Папата Франциско фотографиран кога бил кардинал Берголио во Аргентина

Во „одредите на смртта“ на озлогласената ААА се спроведувал терор, се носеле неистомисленици во логори, каде биле мачени. Најмалку 30.000 Аргентинки и Аргентинци се одведени во тие логори, а на многумина ниту денес не им се знае гробот.

Во целото тоа насилство, Аргентина во 1973 година, кога на власт бил Перон, го добила новиот провинцијал на Исусовиот ред – Хорхе Марио Берголио, денешниот папа Франциско. Како и цела Аргентина, и тамошната црква минувала низ тешки времиња. Додека хунтата се повикувала на конзервативните идеали на католичка Аргентина, мноштвото свештеници и монаси ја делеле судбината на сиромашните жупании во отпорот на диктатурата – се‘ до ликвидација.

Црквата секогаш одново се соочува со тешки времиња кога нејзините верници одеднаш ќе се најдат на двете страни на фронтот. Во некои случаи е сосема извесно дека застанала на погрешна страна.

Мора ли во затвор за да се докаже невиноста?

Во многу други случаи односите на црквата и диктатурата не се едноставни. Се’ уште се водат расправи за улогата на хрватскиот кардинал Алојз Степинац, кој по војната е осуден за соработка со окупаторите, иако е извесно дека многу од обвинувањата биле неосновани. Од друга страна, тешко е да се каже колку хрватскиот кардинал навистина помагал за да се спречи злосторството, бидејќи Степинац подготвено ја прифатил Независната држава Хрватска.

Се поставува прашањето дали свештениците треба да бидат ликвидирани за да докажат дека се жртви на диктатурата во која живеат? За време на нацистите во Германија имало многу такви примери – голем број свештеници и калуѓери завршиле во логори, а на нацистите трн в око им биле активните припадници на католичките синдикати и на партијата на католичкиот центар, кои всушност храбро и’ пркоселе на диктатурата.

Kroatien Kardinal Alojzije Stepinac Archivbild 1939

Хрватскиот кардинал Алојз Степинац

Одлуката никогаш не била лесна ниту за поглаварите на католичката црква. Така на Пиј 12-ти му се забележува што не ги осудил јасно и гласно нацистичките злосторства додека кон нацистичките логори се движеле вагоните со луѓе. Мора да се потсети дека немало ниту премногу гласни осуди од страна на тогашниот папа Павле Шести, додека траело владеењето на стравот во Аргентина.

Што е тоа Исусовски провинцијал?

Што можел да направи провинцијалот на исусовците (езуитите) во Аргентина? Неговата функција воопшто не била замислена за „односи со јавност“, како што денес би се рекло. Тој е организационен лидер на една покраина на црковен ред, која често и не се поклопува со државните граници. И во јавноста е многу помалку присутен од бискупите, кардиналите или папата.

Обвинувањата против сегашниот папа се многу тешки – се тврди дека не само што не спречил, туку и активно ја поддржувал тогашната воена диктатура. Тоа го тврди и Фортунато Малимачи, поранешен декан на факултетот за социологија на Универзитетот во Буенос Аирес, кој порачува дека на Беголио ќе му пресуди историјата.