1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што содржи извештајот на генерал Петреус за Ирак?

Американската, но и светската јавност со големо внимание го очекуваат денешниот извештај на главниот командант на американската армија за Ирак, генерал Петреус.

default

Генералот Дејвид Петреус, главен командант на американската војска во Ирак

Пред пратениците на Конгресот тој и американскиот амбасадор во Багдад Крокер треба да дадат отчет за постигнатото во изминатите месеци и да предложат натамошна стратегија. Во фокусот на вниманието при тоа е прашањето дали ќе има скорешно повлекување на американските војници од Ирак и ако да – кога?

Американските конгресмени на дводневното сослушување најмногу ги интересира оценката на генералот Петреус дали донесе некаков ефект засилувањето на американските сили во Ирак, што пред неколку месеци го нареди претседателот Џорџ Буш. Широки делови на американската јавност бараа повлекување на војниците од ирачкиот пекол, но претседателот реши да направи токму спротивен чекор. Конгресмените веќе имаат информации за тоа што содржи фамозниот извештај на главниот командант за Ирак:

“Преку педантно манипулирање на статистичките податоци извештајот на Буш и Петреус ќе се обиде да не‘ увери оти насилството во Ирак е во опаѓање и дека засилувањето на контингентот има позитивно влијание“ - смета сенаторот Дик Дарбин.

Тој е втор во хиерархијата на опозиционите демократи во Сенатот и тврди дека располага со информации кои укажуваат на токму спротивен заклучок за ефектите од мерката на претседателот Буш. Тој тврди дека е постојано во контакт со цивилни службеници на САД во Ирак, кои собираат информации за тамошната состојба:

“Ако испратат некој разочарувачки извештај за состојбата во Багдад, тогаш нивните претпоставени ги опоменуваат и им го враќаат извештајот на доработка и промена со образложение дека бил потребен позитивен извештај – тоа е факт“ - нагласува сенаторот Дарбин.

Неговиот сопартиец, сенаторот Тед Кенеди смета дека администрацијата на Буш фактички игра на време:

“Први проценки требаше да има пред почетокот на летото, па потоа среде лето, па сега по летото. Сега се чини дека генералот Петреус ќе замоли за уште шест месеци пробен рок – јасно е дека оваа влада намерно ја одложува проценката на ситуацијата се‘ до доаѓањето на следниот претседател на власт.“

Кенеди и неговите колеги од демократската партија се огорчени бвидејќи не успеваат да го натераат актуелниот претседател Џорџ Буш на промена на курсот во Ирак. За таква постапка потребно им е дво третинско мнозинство гласови, со кое не располагаат.

Во редовите на републиканската партија на претседателот Буш, пак, деновиве се‘ погласни стануваат оние кои се залагаат за натамошно зголемување на бројот американски војници во Ирак. Тие секако очекуваат дека генералот Петреус ќе поднесе позитивна оценка за состојбата во Ирак по претходното зголемување. Буш по посетата на Ирак, на патот за самитот на АПЕК во Сиднеј, манифестираше оптимизам:

“Од Ирак се вратив охрабрен. Нема збор, ни претстои уште тешка работа, но мојата решеност е голема - како впрочем и секогаш!"