1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што се смени две години по светската финансиска криза?

На денешен 15 септември пред две години, со банкротирањето на американската банка „Леман брадерс“, се затркала лавината на светската финансиска криза. Ги научија ли банките лекциите од кризата?

default

Седиштето на банката „Леман брадерс“ во Њујорк

„Банките секако ги научија лекциите. Досега се тоа лекции што можат да се видат во нивниот внатрешен менаџмент, во дизајнот на банкарските производи и во стратегијата на банките. Но, промените во регулативите за финансиско работење, што ги најавуваа владите, ги има малку во праксата“, оценува финансискиот експерт и претседател на Франкфуртската школа за финансии и менаџмент, Удо Штефенс.

Според него, одлуката на германската влада еднострано да ги забрани високоризичните трансакции на берзата со т.н. непокриени продажби, има само симболична вредност. Интернационалните банки можат многу лесно да продолжат да функционираат на тој начин на некоја друга берза наместо на германската. Владата во Берлин донесе закон и за воведување посебни давачки за банките, кои треба да послужат како амортизатор во случај да се повтори слична криза како таа во 2008.

Udo Steffens

Професорот Удо Штефенс

Но и оваа мерка се покажува како малку ефикасна, затоа што во најдобар случај со неа годишно ќе се собираат околу 1,3 милијарди евра. Како за илустрација на соодносот: само за санација на германската банка за недвижнини „Хипо риал истејт“ владата вложи 142 милијарди евра од даночните приходи.

Мерките се едноставни, само...

На европско ниво многу се слави спогодбата за воведување нов финансиски надзор за банките, според која од 2011 година ќе има три надлежни служби за надзор на банките, осигурителните компании и берзите. Но, и таа мерка има повеќе карактер на кризен менаџмент, бидејќи се активира кога некоја од банките ќе се најде во криза, а нема големо превентивно дејство. А целта на сите овие мерки требаше да биде токму да се спречи повторувањето на слична криза како онаа од 2008. Тоа не би требало да биде никаков проблем, доколку владите имаат вистинска политичка волја за тоа, порачува финансискиот експерт Макс Оте. Прво може да се донесе закон за повисоко учество на банките со сопствен капитал во зделките: „Дојче банк работи на пример со само 1,5% сопствен капитал.

Josef Ackermann Deutsche Bank Logo Bilanz Zahlen

Шефот на Дојче банк, Јозеф Акерман

Ако донесете закон дека банките мораат за одредени продукти да имаат сопствен капитал од осум или девет проценти, тогаш шпекулантите ќе мораат да вложат во ризичните зделки повеќе сопствени средства, што автоматски ќе ги натера да бидат повнимателни. Најважното во капитализмот е капиталот и банкарските субјекти би требало да го имаат во доволна мера. Во спротивно имаме социјалистички услови за банките“, нагласува експертот Макс Оте.

За пример, спомнатата американска инвестициона банка „Леман брадерс“ во моментот на банкротот располагаше со само 20 милијарди долари сопствен капитал за зделките во вредност од преку 500 милијарди долари.

Одлуки со одложено дејство

За таквата ситуација да не се повтори Одборот на Меѓународната банка за меѓународно порамнување во Базел донесе одлука за покачување на сопствениот капитал на банките. На крајот на преодниот период од шест години тие ќе мораат да имаат по седум проценти „тврд капитал“ изразен во акции и резерви.

Експертот Оте препорачува и воведување на данок на трансакции, за кој многу се дискутира последно време: „Ако секоја финансиска трансакција ја оданочите со само 0,5%, тогаш нема да ги погодите малите инвеститори кои го префрлаат капиталот еднаш годишно.

Protestaktionen zum Jahrestag der Lehman-Pleite

Оштетените граѓани протестираат во Франкфурт на првата годишнина од банкротот на „Леман брадерс“

Но, затоа од таквиот данок ќе бидат погодени т.н. хеџ-фондови, кои тоа го прават стотици пати месечно. Тој значи би ги погодил токму оние кои се насочени на брза заработувачка и тоа со позајмување големо количество туѓ капитал.“ За сега ваков данок заговараат само Германија и Франција, додека САД и Велика Британија, како и некои од земјите во подем, го отфрлаат.

И како трета мерка експертот Макс Оте предлага построго регулирање на тргувањето со т.н. финансиски деривати на берзите, чиј вкупен обем моментално изнесува 600 билиони долари. Тоа е десетпати повеќе од брутосоцијалниот производ на светската економија. Тоа што овие едноставни мерки не се воведуваат, се должи на силното банкарско лоби во западните земји, смета експертот Макс Оте.

Автор: Жанг Данхонг/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска