1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се случува со одбиените баратели на азил?

Нилс Нојберт/ Ж. Ацеска24 септември 2015

Правото на азил во Германија спаѓа во основните права на секој човек, регулирано со членот 16а во Уставот. За луѓето од т.н. сигурни земји на потекло важат посебни правила.

https://p.dw.com/p/1GcbO
Фотографија: picture-alliance/dpa/Seeger

Во Германија азил добиваат политички прогонети луѓе. Сојузната служба за миграција и бегалци смета дека на граѓаните од т.н. сигурни земји на потекло, не им се заканува никаков политички прогон, па нивните апликации се „очигледно неосновани“, упатувајќи на член 291 од Законот за постапка на азил. Лани за вакви земји беа прогласени Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, а од 1 ноември 2015 година таков статус имаат и Косово, Албанија и Црна Гора.

Но, и покрај претпоставката за неоснованост на барањето, редовната постапка за азил во Германија не може да се стави вон сила. За службите и натаму останува обврската за проверка на секој индивидуален случај. Барателот на азил мора да биде сослушан, тој и натаму има право на жалба против решението за одбивање на апликацијата за азил. Правникот Максимилијан Пихл од Организацијата за заштита на човековите права Про азил меѓутоа укажува на тоа што за луѓето од овие земји важат поинакви рокови. По правило, тие се екстремно скратени, а изгледите за успех на жалбата се мали. Стапката на одобрен азил во месец август тоа јасно го потврдува: од Македонија статус на азил добиле 0,4 проценти од барателите, од Србија - 0,1%, од Албанија - 0,2% и од Косово - 0,3 насто.

Азил, толерирање и право на работа

Ако апликацијата за азил на еден барател е одбиена, тој добива задолжително писмено известување на германски јазик, често и на неговиот мајчин јазик. Потоа постојат две можности: или да се напушти Германија во дадениот рок, или да се вложи жалба против одлуката. Оној кој доаѓа од т.н. безбедни земји на потекло и барањето му е одбиено како „очигледно неосновано“, има рок од една недела да вложи жалба на решението на Сојузната служба за бегалци и миграција пред надлежниот Управен суд. Во сите други случаи постои рок од најчесто двенедели за вложување на жалба. Се‘ додека е во тек постапката, вообичаено депортирањето „привремено се одлага“. Тоа практично значи т.н. „Дулдунг“, односно статус на „толерирање“ во Германија. „Дулдунг“ се доделува и ако постојат оправдани причини за неспроведување на протерување, како болест која не може да се лекува во родната земја. Толерирањето важи максимално шест месеци и потоа може да биде евентуално продолжено. За лицата со статус „толерирани“ важат посебни услови во однос на можностите за работа.

Максимилијан Пихл од Про азил укажува дека на луѓето од овие земји често им се забранува секаква работа. Притоа, службите аргументираат со „миграциско-политичките проценки“. Поинаку кажано, на т.н. економски азиланти не треба да им се нудат никакви поттици за аплицирање за азил во Германија, а потоа во фазата на толерирање да работат и да заработуваат пари. Калкулацијата е јасна, на барателите на азил од овие земји треба да им се отежне.

Што се случува по одбивањето на барањето за азил?

Ако е донесено конечно решение за одбивање на азилот, Сојузната служба за миграција и бегалци, БАМФ, одредува рок за задолжително напуштање на Германија. Овој рок обично е околу еден месец. Во тој период, според логиката, личноста треба да се збогува со блиските, да може да ги заврши своите формалности, на пример да ги одјави децата од училиште. Во текот на овој рок се‘ уште и‘ се исплаќа помошта во Германија.

По истекот на овој рок, може да дојде до депортација, порано или подоцна, во зависност од одредената покраина. По правило, веќе не се наведуваат никакви конкретни термини, па може да се случи полицијата да дојде среде ноќ. Тогаш останува многу малку време за пакување на своите работи или простување со околината. Посебно за децата, кои веќе одат во училиште во Германија и имаат одреден круг пријатели, вакво ненадејно протерување може да биде трауматично, што потврдува и студијата на УНИЦЕФ, „Тивка мака“, извршена во 2012 година.

Стимулирање на доброволно заминување

Германските служби на оние чии барања за азил се одбиени им ставаат во вид доброволно заминување. Тоа е поинаку регулирано од покраина до покраина. Во Хамбург, на пример, службите на нивната интернет-страница објавуваат сметка-мостра.

Така, при вакво патување се врши плаќање на патот на одбиените азиланти, а им се даваат и можности за натамошна финансиска поддршка, за хранарина и „олеснување на повторното вклопување во татковината“, како што стои на веб-страницата на Хамбуршката служба за странци. Точни бројки не се споменуваат, тие варираат од случај до случај, велат од службата.

Конкретни бројки се кажуваат само во случај ако некој доброволно си заминува. Авионски билет низ Европа може да се добие веќе за 150 евра, ако човек доброволно и навремено се погрижи за тоа. Ако некој не сака да замине доброволно, трошоците можат да бидат четирикратно или петкратно повисоки, покрај тоа, тогаш тој мора да ги сноси сам и трошоците за евентуален притвор пред депортација, 111,40 евра на ден. Освен тоа, тој кој заминува доброволно, може повторно да влезе во Германија или во ЕУ, а ако е протеран, ја нема таа можност.