1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што се случува во Собранието?

Јавниот обвинител Зврлевски помисли дека со тоа што нема да поднесе оставка ќе се претвори во херој-маченик во налетот на новата власт, а сега гледа како ВМРО-ДПМНЕ вулгарно му лепи етикета на човек од партиските ешалони

Одамна немаме видено ваква дебата во Собранието, во која еден висок функционер да биде така злоупотребен од оние што го бранат, за на крајот неговата професионална кариера да биде искршена на парчиња и фрлена пред олтарот на локалните избори во октомври. Јавниот обвинител Марко Зврлевски помисли дека со тоа што нема да поднесе оставка ќе се претвори во херој-маченик пред налетот на новата власт, за сега да види (ако сака да го види тоа) како вмровските пратеници де го фалат како исклучително способен, де ја маргинализираат неговата улога и ја сведуваат на сообраќаец-менаџер во институцијата што ја раководи. Зврлевски сега веројатно сфати дека неговата судбина е еден од главните адути на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите не поради него самиот туку заради политичката корист на партијата. ВМРО-ДПМНЕ вулгарно го присвои Марко Зврлевски како свој кадар и му ја залепи етикетата на човек од партиските ешалони.

Ако сте следеле барем еден ден од еднопартиската дебата во Собранието (говори, реплики и контрареплики на едни те исти луѓе) ќе ви стане јасно како партиската ламја ги голта сите оние од коишто може да се нахрани. Што можевте да слушнете? Дека премиерот Зоран Заев барал смена на Зврлевски затоа што обвинителот ги покренал случаите за пучот и поткупот, а репликите на говорникот коишто задолжително почнуваат со реченицата - „Внимателно ја слушав вашата дискусија“ и потоа: „Не гледам зошто господинот Зврлевски треба да се разреши кога тој е само менаџер на институцијата и нема ништо со истрагите кои самостојно ги покренуваат пониските обвинители“.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски, автор на колумната

Такво омаловажување на функцијата која е исклучително важна во секоја држава немаме слушнато досега.

Реплики според формулата 3-6-9

Има и други бисери кои циклично, во согласност со формулата 3-6-9, се повторуваат од репликантите. Еден од нив на говорникот му реплицира со овие зборови: „Нашите предлози не се сослушани. Ние сами со себе си водиме дијалог. Нас не не слушаат претставниците на власта, но не гледа народот и слуша што се става како приоритет на седниците: дали оваа незаконска политика или состојбата со пожарите“. Контрарепликата оди буквално вака: „Да, колешке, на обичниот граѓанин воопшто не му е значајно кој е јавен обвинител. За нив многу е многу позначајно дали ќе има нешто од она што го ветуваше СДСМ пред изборите и како да се справиме со пожарите. Тоа е позначајно отколку прашањето кој јавен обвинител да се разреши, а кој да се назначи“.

Бидејќи не е важно прашањето кој јавен обвинител да се разреши расправата за Марко Зврлевски ако треба ќе трае и три месеци, додека од него не направат крпа и потоа да ја свртат главата како никогаш да не го познавале. Дали Зврлевски веруваше дека во една суштинска дебата неговите заслуги за обвинителството (тој се пофали дека на сите обвинители им обезбедил мобилни телефони, на пример) барем ќе се изедначат со оние што го обвинуваат дека ги забошотил важните случаи како „Актор“ или ревизијата на „Скопје 2014“, која градоначалникот на Центар му ја достави уште пред неколку години, за тој задоволно да се насмее под мустаќите и да размисли за идната кариера, не е јасно.

Но е јасно дека неговата идна кариера (а и минатата работа) ќе има партиски штембиљ. Ако тоа го посакувал Зврлевски тогаш ја направил клучната грешка. А ако не го посакувал можеше елегантно да се извлече во овие денови на расправата, да поднесе оставка и со тоа да зачува дел од интегритетот, кој што му е грабнат за партиски цели. Или, едноставно, мораше да се фати во орото од коешто не го пуштаат да излезе и му ги направија бесмислени последните деновите на важната фотелја. На сите вработени во Обвинителството им е јасно дека тој заминува, па со тоа, типично за Македонија, неговиот авторитет брзо еродира. Тоа ли го сакаше Марко Зврлевски – никој да не зажали по него кога ќе ја напушти тркалезната зграда. А уште помалку оние кои сега се отепаа да го бранат.

Стратегијата на владината коалиција да не учествува во расправата за таа побрзо да заврши, иако веројатно имале подготвено уште пред еден месец цели досиеја што би требало да говорат (разрешувањето на Зврлевски беше една од главните точки на изборната кампања на СДСМ), ги остави врмровските пратеници по цел ден да водат политичка пропаганда. Дали тоа им бил пресметан ризик кој ќе им донесе корист ќе се дознае за два месеци. Главното прашање за владината коалиција е дали со ваквата блокада и најавите за еден куп интерпелации воопшто можат да дојдат на ред законите коишто се означуваат како реформи пред Собранието да ја запре работата поради изборите.

Водачот е над државата

Другото важно прашање е дали овој пример за практична блокада на Собранието може да биде образецот според кој ќе тече расправата за сите реформски закони што ги предлага Владата и кои треба да се усвојат во интервалите во три, шест и девет месеци. Би било наивно овде во Македонија една партија или влада да верува дека во еден даден момент побрзото интегрирање со ЕУ е еднакво важно за сите политички актери и дека тоа би бил еден заеднички напор. Тоа е само фатаморгана за сите што мислат така. Ова е безмилосна политичка битка во која главен влог се можните затворски решетки па никаков општествен интерес не е важен тука – ни зголемувањето на минималната плата, ни враќањето на евтината струја, ни грантовите за инфраструктура од ЕУ, ни односите со соседите, ни можното побрзо членство во НАТО, ни закрепнувањето на економијата, ништо од тоа. Важен е само стравот за сопствената слобода на оние што го водат ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, како и во секој култ, следбениците мора да му бидат потчинети и да го спасуваат водачот.

Вмровската политичка база не може да замисли дека Никола Груевски треба да одговара за криминални злодела. Тоа е дел од внатрешната политичка иконографија на партија, според која не смее да има никаков сомнеж во постапките на лидерот. Повеќето активисти на ВМРО-ДПМНЕ го гледаат Груевски над демократијата, над владеењето на законот и според тоа, и над самата држава. Затоа она што се случува во Собранието е објасниво – пратениците знаат дека новиот јавен обвинител нема да биде само „менаџер на институцијата“ (како што тие го омаловажуваат Зврлевски трудејќи се да го одбранат), туку многу веројатно ќе се зафати за работата за којашто е надлежен – да ги истражува и докажува криминалите и на обичните луѓе и на политичарите. И поради тоа сите мораат да се жртвуваат за водачот, па и самата држава ако треба.

Додека чекаат да им дојде редот за реплика вмровските пратеници може малку на своите паметни телефони да прочитаат за настаните што се случуваат овие денови во Израел, за истрагата што ја отвори полицијата против нивниот фален пријател и поддржувач, премиерот Бенјамин Нетанјаху. Да не зборуваме за јавните и тајните зделки што се случуваа меѓу официјалните и неофицијалните претставници на двете влади. Полицијата соопшти дека истражува три случаи за корупција на премиерот Нетанјаху: првиот е наречен „Случај 1000" и се однесува на луксузните подароци што Нетанјаху ги добивал од богатите поддржувачи, вклучувајќи скапоцени пури, егзотични одмори и накит. Вториот е наречен „Случај 2000" и во него се истражува дали премиерот склучил договор со еден од најголемите израелски весници, „Једиот ахронот“, за позитивно да пишува за неговата работа, а за возврат владата да му направи штета на ривалскиот весник. Врховниот суд веќе му нареди на Нетанјаху да ги открие датите на неговите телефонски разговори со сопственикот на „Једиот ахронот“. Третиот е наречен „Случај 3000" и во него се води истрага за купувањето три подморници од Германија. А е најавено и дека јавниот обвинител наскоро ќе подигне обвинение против сопругата на премиерот, Сара Нетанјаху, за злоупотреба на владини фондови.

Полицијата пред некој ден објави вистинска бомба - дека поранешниот шеф на кабинетот на премиерот Нетанјаху и човек од негова најголема доверба, Ари Хароу, се согласил да биде клучен сведок на државата во истрагата за да добие блага затворска казна. Речиси сите весници и политички аналитичари се согласуваат дека веројатно се спушта завеса на политичката кариера на Бенјамин Нетанјаху, кој беше премиер четири пати. А анкетите покажуваат дека мнозинството членови на неговата партија Ликуд бараат Нетанјаху да си замине. Во интерес на државата, а потоа и на партијата. Интересни вести за читање на пратениците „у време доколице“ додека го чекаат редот за реплики.

 

DW.COM