1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што се крие зад договорот АКТА?

Со меѓународниот трговски договор АКТА треба да и‘ се стави крај на пиратеријата и да се заштити интелектуалната сопственост. Меѓутоа детали од овој договор жестоко се оспорувани. Сега се вклучува и Европскиот парламент.

Откако демонстрираа десетици илјади луѓе ширум Европа против АКТА, и политиката ја препозна бризантноста на темата. Повеќе држави, меѓу нив и Германија, одбија ратификација на договорот. Германската министерка за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер притоа укажа на „отворени прашања“. Реагираше и Брисел. Комисијата на ЕУ побара од Европскиот суд да провери дали договорот е компатибилен со европското право. Сега со него ќе се занимава и Европскиот парламент.

Прва јавна дебата во Брисел

Bernd Lange, Europaabgeordneter der SPD

Европратеникот Бернд Ланге

Договорот за кој се преговараше три години, може да стапи во сила само доколку го ратификуваат сите земји-членки на ЕУ и го одобри Европскиот парламент. Националните влади меѓутоа во моментов се впечатливо воздржани во целата дискусија. Се чини како да сакаат незгодното решение да му го препуштат на Брисел. „Тие со години бараа таков договор. Некои од овие земји беа дури и мотор на процесот. Сега кога цивилното општество со право дискутира за тоа велат ’сега треба да одлучи Европа’“, вели европратеникот од редовите на СПД, Бернд Ланге за ДВ.

Во основа тој ја поздрaвува дискусија во Парламентот каде денеска на седница на Одборот задолжен за трговски прашања за првпат јавно ќе се дебатира за АКТА. Став по ова прашање ќе заземат и други одбори на Парламентот. По дебатите, гласањата и сослушувањето на експерите во одборите, Парламентот на пленарна седница ќе се изјасни за договорот.

АКТА договорот првично уживаше голема поддршка. Спогодбата за него ја постигнаа ЕУ, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Мексико, потоа Мароко, Нов Зеланд, Сингапур, Јужна Кореја и Швајцарија. Откако спогодбата ќе стапи во сила, секоја членка на Светската трговска организција може да се приклучи кон договорот. Целта е заштита на интелектуалната сопственост во стопанството и на интернет. Меѓу другото станува збор за нелегални симнување на видео и музички податоци и за зајакнување на царинските контроли пред се’ во контекст на фалсификувани брендирани стоки од Источна Азија.

Активистите на интернет стравуваат од ограничувања

Од АКТА договорот би профитирале пред се’ индустриските земји. Тие се особено погодени од фалсификувањето на брендираните артикли и други кршења на правата на интелектуалната сопственост. Според Комисијата на ЕУ, Европа годишно трпи загуби од осум милијарди евра поради фалсификувани производи. Околку целта, да се стопира пиратеријата на марките се согласни сите, но копјата се кршат околу деталите. Пред се’ интернет корисниците во Европа се против договорот. Тие стравуваат дека засилено ќе се контролираат онлајн активностите на провајдерите и дека сопствениците на правата, во случај на повреда ќе може да бараат претерано високи отштети.

Земјите во развој ќе претрпат загуби?

Jan Philipp Albrecht, Europaabgeordneter der Grünen

Европратеникот Јан Филип Албрехт

Германскиот европратеник од редовите на Зелените, Јан Филип Албрехт, смета дека проблем е тоа што во преговорите за договорот не учествувале сите земји. Тоа не е во согласност со правилата на меѓународната заедница. „Кога веќе се прави договор за борба против пиратеријата на производите, тогаш мора да се вклучат сите држави. Особено земјите во развој и економски подем, оти токму од таму потекнуваат таквите повреди. Имено земјите во развој имаат оправдани интереси, технолошки поволности или производството на генерички лекови“. Со ова Албрехт се приклучува кон стравувањата на некои невладини организации дека АКТА-договорот би можел да ја отежне трговијата со генерички лекови.

Europaabgeordneter Daniel Caspary CDU

Европратеникот Даниел Каспари

Но, иако фронтот на поддржувачите на АКТА полека попушта, не сите политичари го критикуваат договорот. Европратеникот Даниел Каспари од ЦДУ гледа и позитивни страни во договорот. „АКТА е патоказ во борбата со пиратеријата на марки и производи. За првпат индустриските и земјите во подем заеднички и одлучно преземаат чекори против фалсификуваните производи и брендирани артикли“, појаснува Каспари на неговата интернет страница. Но, поради ограничениот број држави-потписнички и тој смета дека договорот не е оптимално решение.

Кога и дали АКТА законот ќе биде усвоен во Европа, засега е неизвесно. Европскиот парламент нема рок до кога треба да ја донесе одлуката. Во случај Парламентот да го одобри договорот, Советот на шефови на држави и влади има право да го прогласи договорот за обврзувачки. Доколку Парламентот одбие, АКТА ќе заврши во актите.

Автор: Ралф Бозен/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска