1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што по Гадафи во Либија?

Дали случувањата во Либија се знак за брз крај на режимот на Моамер ел Гадафи, и ако е така - што би следувало потоа?

default

Моамер ел Гадафи е под притисок

Откако пред неколку дена во телевизиски говор опозиционерите ги нарече „зависници од дрога“ и „стаорци“, Моамер ел Гадафи сега го менува тонот. Во телевизиски говор, што поради безбедносни причини го одржа телефонски, либискиот шеф тврдеше дека младите демонстранти се „потпалени“ од Ал Каеда. Тој како „добар татко на државата“ ги повика родителите да ги чуваат децата дома, за да не се изложуваат повеќе на опасностите од ваквото влијание.

Зборовите на „револуционерниот водач“ сигурно се знак за тоа колку се наоѓа под притисок, иако неговите безбедносни сили со несмалена жестокост се борат против оние што се бунтуваат и кои одамна веќе не се демонстранти. Крајот на овие борби се‘ уште не може да се предвиди, исто како што не може да се предвиди и како се‘ ќе заврши. Но, дали Гадафи со својата забелешка сакаше да даде сигнал за она што би можело да следува по него? Како и многу други работи во неговото однесување и ова останува нејасно.

Flash-Galerie Proteste in Libyen

Либија е земја на кланови и племиња и кој и да сака да владее со неа во иднина, ќе мора да склучува коалиции и сојузи

Укинување на се‘ „гадафиевско“?

Но, едно се чини е сигурно - ако земјата не се подели, Гадафи нема да го преживее преминот кон нова, поинаква Либија. Да бега не може - никој не сака да го прими, а во земјата ќе се создаде поинаков однос на силите, иако првите чекори во слобода ќе бидат направени по трагите што ги оставил Гадафи. Во Бенгази и Сиринајка, на североисток на земјата, како и во други „ослободени“ места се основани комитети во кои седат угледни личности и носат одлуки за неопходните мерки што треба да се преземат, откако во нивните места веќе не функционира државната власт. Идејата со земјата да управуваат народни комитети потекнува од Гадафи, но тој со неа повеќе сакаше да му создаде привид на народот дека практикува базична демократија. Актуелниот политички миг сега навистина ја повика на сцена таквата базична демократија. Но, шансите за нејзино преживување се мали. Ако падне режимот на Гадафи, тогаш Либијците веројатно ќе укинат се‘ што потсетува на неговата ера.

Но, и во таков случај ќе остане она што и‘ даваше белег и на државата на Гадафи. Либија, имено, многу повеќе од другите арапски држави, е земја на кланови и племиња и кој и да сака да владее со неа во иднина, ќе мора да склучува коалиции и сојузи. Притоа, лоши карти в раце би имале либиските политичари во егзил, зашто племињата кои сега се кренаа против Гадафи ќе сакаат да имаат поголемо право да ја кројат иднината на земјата, отколку оние што биле во странство.

Libyen / Panzer / Bangasi

Обединување на племињата и уредени односи со светот

Притоа, останува отворено во која насока би се движел ваквиот развој. Бенгази и североистокот се традиционално исламско-конзервативни, па оттаму би можел да произлезе обид земјата да добие поисламска, ако не и сосема исламска ориентација. Но, другите региони тоа не би го прифатиле без отпор.

Досега нема препознатлив лидер или препознатлива насока во која што се движи востанието, освен тоа дека Гадафи треба да се симне од власт. Нејасно е и тоа како ќе изгледа внатрешната структура на Либија во иднина, или какви ќе бидат нејзините надворешни врски. Дури и ако востаниците за тоа во моментов не треба да мислат, наскоро ќе им стане јасно дека идниот развој на Либија е нераскинливо поврзан со користењето на сопствените ресурси - нафтата и гасот, за чија продажба се неопходни уредени односи со светот, особено со Европа.

Автор: Петер Филип / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски