1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што очекуваат германските инвеститори од Хрватска?

Се' повеќе се приближува 1. јули, денот кога Хрватска ќе стане членка на Европската унија. Како тој факт ќе се одрази врз хрватско-германските односи и што посакуваат германските инвеститори?

Реформи, реформи и само реформи - тое е главното барање, кое до Хрватска го упатуваат повеќето германски стручњаци и стопанственици кога станува збор за поттикнување на странските вложувања во Хрватска. Тие велат дека во рамките на хрватските подготовки за ЕУ навистина е направено многу, но дека тоа се' уште не е доволно.

Странските вложувања секогаш одново се споменуваат како волшебна формула за излез на Хрватска од рецесијата. Имено, невработеноста во земјата е голема, а кризата е толку длабока што за приватните домашни инвестиции останува многу малку простор. Дури и германско-хрватската индустриска и трговска комора резултатите од своето годинешно истражување го објави под наслов „На хрватското стопанство итно му се потребни влогови“.

„Ќе има нови работни места“

„Хрватска, во не така едноставни услови, изминатите години презема големи напори во исполнување на критериумите на ЕУ. Тоа ќе донесе плодови и во облик на нови работни места, во тоа сум сигурен“, оптимист е претседателот на Германскот одбор за соработка со источна Европа Екард Кордес.

Kevin Körner Researchabteilung Deutsche Bank

Кевин Кернер

Кевин Кернер, аналитичар на Дојче банк, пак, вели дека влезот во ЕУ е многу важен чекор за заедничкиот европски пазар. За вложувачите тоа конкретно значи и дека можат да сметаат на тоа дека Хрватска ќе се придржува до европските „правила на игра“. „Се смета дека тоа среднорочно позитивно ќе влијае на инвестициите. За земја како Хрватска странските вложувања се многу важни, бидејќи претставуваат стабилен прилив на пари“, вели Кернер.

Нужни се структурни реформи

Но, само членство во Унијата и тој нов степен на правна сигурност за инвеститорите не се доволен аргумент. Од Хрватска се очекуваат структурни реформи. Според мислење на аналитичарот од Дојче банк, неопходни се натамошни мерки за сузбивање на корупцијата, реформа на пазарот на трудот, цената на трудот како и старосната граница за пензија. Кернер признава дека тие реформи се „крајно осетлива тема“ и истакнува дека тие се „многу болни, но и нужни“.

Но, за една земја да биде атрактивна за странските инвеститори не се важни само прописите и цената на трудот, туку и добрата инфраструктура, правната сигурност, близина на големите пазари, стручност на работната сила и продуктивноста. А од истражувањето на Германско-хрватската индустриска и трговска комора произлегува дека и хрватските и германските инвеститори од Хрватска очекуваат и „предвидливост, конкурентни мерки на местото на вложување, влијателна јавна управа, како и општо позитивен став кон инвеститорите“.

Porträt - Eckhard Cordes

Екард Кордес

Без оглед на сите забелешки, Кордес е сигрен: „Поради квалитетното образование и географската близина на Германија, Хрватска нуди интересни множности и сигурно може нешто да придвижи ако понуди атрактивна политика на доселување“.

Искуствата на другите се корисни

Хрватска со влезот во ЕУ ќе добие олеснет пристап до заедничкиот европски пазар. По Италија, Германија во моментов е најголемиот трговски партнер на Хрватска. Но билансот е прилично едностран: волуменот на надворешната трговска размена меѓу Хрватска и Германија изнесува три милијарди евра, од што на германскиот извоз во Хрватска отпаѓаат 2,2 милијарди евра.

Претседателот на германскиот одбор за соработка со Источна Европа, Екард Кордес, е уверен дека во германско-хрватските трговски односи има простор за унапредување, и тоа особено за зголемување на хрватскиот извоз во Германија. Што се однесува до пласманот на стоките и услугите од Хрватска на европските пазари, тој препорачува користење на искуствата на државите кои во 2004. и во 2007. година и‘ пристапија на ЕУ.

Според статистиките, во Германија живеат повеќе од 230.000 хрватски државјани, некои од нив веќе во трета генерација. Се проценува дека приближно толку има и германски државјани со хрватско потекло. Дали тие можат да бидат врската меѓу културата и стопанството? Кордес одговара: „Дефинитивно. Хрватите во Германија се одлични посредници меѓу културите. Важно е да се знае како 'функционира' другата страна, за да се поттикне меѓусебното разбирање“.