1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Што остана од Експо 2000?

Единствената Светска изложба досега одржана во Германија, беше пред 10 години во Хановер. Од почетниот гламур и големите финансиски очекувања остана малку, а денес остарените павилјони се повеќе проблем отколку добивка.

default

Запуштено и празно, холандскиот павилјон на Експо 2000

На отворањето на Експо во Хановер тогашниот германски канцелар Герхард Шредер изјави:

„ На сите посетители, од каде и да доаѓаат, им посакувам впечатливи и незаборавни часови на првата Светска изложба во Германија. Со ова го прогласувам за отворено Експо 2000 во Хановер, Германија!“

Гордоста просто бликаше од лицето на тогашниот канцелар, Герхард Шредер. Токму неговиот роден град, Хановер, ја доби честа да биде место на одржување на првата Светска изложба на германска почва. Свеченоста на отворањето ја увеличаа славниот рок бенд „Скорпионс“, тениската ѕвезда Штефи Граф, речиси сите тогашни министри од владиниот кабинет, како и поранешниот министер за надворешни работи, кој даде огромен придонес за повторното обединување на Германија, Ханс Дитрих Геншер.

„Имаме неповторлива шанса, десет години по повторното обединување, да се претставиме како земја отворена кон светот и да покажеме дека Германија е гостопримлива земја и дека сака да се соочи со искушенијата на нашата ера заедно со другите народи“ - порача канцеларот Шредер.

Големо искушение за Хановер

Кога сме кај искушенијата, оние што го снајдоа Експо 2000 беа поголеми од очекуваните. Прво, со недели по свеченото отворање сајмиштето на Експо беше празно. Дури откако менаџерите на манифестацијата ги употребија сите маркетиншки трикови, како што се поефтини влезници за вечерна посета и бесплатно паркирање, дури тогаш се создаде атмосфера што и’ доликува на една Светска изложба.

„Радосното расположение, опуштеноста и заинтересираноста на публиката се создаде дури подоцна, тој интерес кој стои покрај мене во редицата пред павилјонот, кој е уште присутен во него во моментов, што ја претставува оваа земја ,“ се сеќава Ингрид Валер.

10 Jahre nach der Expo in Hannover

Шпанскиот павилјон во Хановер

Таа и нејзиниот сопруг Екхард се обидуваат да ги задржат свежи во сеќавањето овие слики од Светската изложба во Хановер. Тие се членови на здружението Експозеум и како доброволци водат посетители меѓу павилјоните од старото Експо 2000. Екхард Валер го фаќа носталгија кога го покажува павилјонот на Холандија, кој на изложбата пред 10 години беше една од најголемите атракции:

„Додека траеше изградбата тоа беше за мене супер-павилјон. Бев тотално одушевен од тоа што го видов. И тој павилјон ни остана миленик, но во меѓувреме ни е прескап и посакуваме во него да се всели нешто, што ќе му го врати животот.“

Многу „црни точки“

Запуштениот холандски павилјон не е единствената „црна точка“ на поранешното сајмиште на Експо 2000 во Хановер. Малку понатаму е шпанскиот павилјон во слична состојба, а на кинескиот веќе има заковано штици преку влезот. Поголем број згради се дури веќе урнати. Некои меѓутоа имаа среќа и во нив седат соработници на разни фирми. Така на пример финскиот павилјон е населен со една фирма за дизајн и маркетинг, додека францускиот го откупи авто-концернот БМВ. Ѓина Меменга од надлежното претпријатие за пласман на павилјоните е се’ на се’ задоволна:

10 Jahre nach der Expo in Hannover

Ингрид и Екхард Валер

„Татковците на Експо имаа секако имаа поинакви замисли. Но, со кризата во компјутерската бранша овие парцели не се продаваат така лесно, ситуацијата едноставно се разви во друга насока...“

Според Меменга, проблем е и тоа што павилјоните на поранешната Светска изложба во Хановер не смеат да се користат како станбен простор, ниту пак како продавници за малопродажба. Освен тоа, оние кои ќе купат некој стар павилјон од изложбата мораат да вложат многу пари во неговото поправање и изолирање во склад со новите енергетски стандарди. Наспроти ваквата незавидна ситуација и големите загуби од Експо 2000 во вкупен износ од 1,2 милијарди евра, во јуни во Хановер сепак ќе се слави десетгодишнината од одржувањето на првата Светска изложба на германска почва. Славниот рок бенд „Скорпионс“ и овој пат ќе ја има главната улога во забавната програма.

Автор: Хилке Јансен/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска