1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што носи составот на новата палестинска влада?

Победникот на јануарските избори, радикално исламистичката организација Хамас, му го поднесе списокот на министри на идниот владин кабинет на Претседателот на Палестинците Махмуд Абас.

Новиот премиер Исмаил Ханија

Новиот премиер Исмаил Ханија

Од него јасно произлегува дека ова движење има намера самостојно да владее. Впрочем движењето Фатах на Претседателот Абас и другите палестински партии се откажаа од учеството во новата влада.

Израел и Западните земји меѓутоа одбиваат контакти со Хамас, бидејќи ова движење одбива да го прифати правото на постоење на Израел. Значи ли тоа дека нема повеќе никакви надежи за мировниот процес на Блискиот Исток – се прашува Петер Филип во наредниот коментар.

Она што моментално се случува во политичкиот живот на палестинските автономни подрачја потсетува на грчка трагедија: секој знае дека ситуацијата се движи кон несреќа, но никој не може или не сака да ја стори нешто за таа да не се случи. Најновиот чин во драмата е олицетворен во списокот министри на новата палестинска влада, од кој произлегува дека радикалните исламисти од Хамас имаат намера самостојно да владеат со авотномните подрачја. Претседателот Махмуд Абас уште претходно сигнализираше дека нема да го отфрли предлогот на Хамас. Тоа за него секако не беше лесна одлука, бидејќи му е јасно оти со таквиот чекор може да бидат закопани сите надежи на скорешно продолжување на мировниот процес на Блискиот исток. Абас само порача дека му препорачува на победничкиот Хамас да се придржува до претходно постигнатите спогодби во рамките на тој процес.

Тоа меѓутоа делува како скромна желба, чие остварување никој не може да го предвиди. Во принцип за Палестинците би требало да важи истото правило, како и за сите други во политиката, имено дека „договорите треба да се почитуваат„. Но, што во ситуација кога на власт доаѓа партија, која од секогаш ги отфрлала договорите што се во прашање. Кога таа во конкретниот случај зазема курс кон уништување на државата Израел, наместо нејзино признавање. Под такви услови владата во Ерусалим има добар изговор да не соработува со новата палестинска влада. А тоа пак ќе има катастрофални последици за палестинското насление, чија состојба ионака е се‘ поочајна.

Курсот на победничката партија на палестинските избори им задава главоболки и на Европејците. Додека САД отворено ја поддржуваат израелската страна, Европа уште се надеваше дека со помош, совети и предупредувања ќе може да постигне нешто. Но, Хамас се покажа непоколеблив, така што Европејците наскоро ќе мораат да се одлучат што понатаму. Да и‘ даваат поддршка на некоја влада, која отворено ги крши нивните принципи, тоа тешко може да се замисли!

Сепак останува и некаква искра надеж. Имено, до сега најголемиот број радикални партии во светот кога дојдоа на власт станаа поумерени и до некаде барем им се прилагодија на реалните услови. За сега такви знаци во случајот на Хамас нема. Можеби тоа беше и прекусо време за да станат видливи некакви придвижувања во неговиот политички курс. Како и да е: без таква промена, состојбата во палестинските автономни подрачја ќе се развива се‘ повеќе во насока на вистински хаос и анархија.