1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што носи Лавров во дипломатскиот куфер?

Владата нема предрасуди кон инвестициите од руските бизнисмени, но во јавноста се форсира страв дека односите со Москва ја загрозуваат довербата на Вашингтон - смета Ристо Никовски, поранешен амбасадор во Русија.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Од време - на време, кога спорот околу името на Македонија добива на интензитет, ќе се протне информацијата дека Русија, со претседателот Елцин, ја призна македонската независност, со почитување на уставното име. Но, македонската дипломатија, во изминатите две децении, не изгради јасен концепт како да ги избалансира своите евро-атлански аспирации и стратешкото парнерство со САД, наспроти односите со Русија. Затоа и попатните средби на македонските со руските шефови на држави имаа карактер на блиц и протоколарни дијалози. Најсовремено уредените 12 бензиски пумпи на Лукоил, по петгодишна борба и 30 милиони долари инвестиции, се највидливиот дел од руското присуство во Македонија. Тие внесоа висока конкурентност и меѓу домашните нафтени компании и потрошувачите.

Прв дипломат по една деценија

По повеќе од една деценија во Скопје доаѓа министер за надворешни работи на Руската Федерација. Прв беше Андреј Козирев кон средината на деведесетите, а актуелниот Сергеј Лавров, денеска во Скопје, ќе води разговори со македонското раководство.

Подобрени односи: Лавров со американската колешка по функција Хилари Клинтон

Подобрени односи: Лавров со американската колешка по функција Хилари Клинтон

“Тоа е повеќе рутинска посета, меѓутоа тие се заинтересирани за Македонија, иако не посебно, не нагласено“, оценува за Дојче Веле Ристо Никовски, еден од петтемина досегашни амбасадори во Москва. Македонскиот дипломат од кариера забалежува:

“Нашата држава нема дефинирано подинамичен развој на политичките односи со Руската Федерација и мислам дека е тоа грешка. Би било добро, без да се запостават односите со Брисел и Вашингтон, да ги диференцираме меѓународните односи, при што Русија е посебно важна. Нашите сметаат дека секоја демонстрација на блискост со Русија ќе биде лошо разбрана, не толку во Брисел, колку во Вашингтон“, одговара амбасадорот Никовски, на прашањето дали македонската дипломатија стравува од избалансирани односи со Русија и со САД.

Кој се плаши од соработка со Русите?

Тој притаен страв кај македонските политичари и деловни луѓе - “што ќе кажат Американците“ - ја направи скромна минатонеделната промоцијата на богатата монографија за македонските убавини и компании, кои одржуваат економски релации меѓу Скопје и Москва. Немаше никој од македонската политичка елита, отсуствуваа познатите тајкуни кои направија големи бизниси во поранешниот Советски Сојуз, актуелни менаџери кои развиваат тековна трговија и размена со Русија, но и преставниците од Коморите.

Добрите односите со Русија се една од стратешките определби на германската надворешна политика: Лавров со колегата Вестервеле во Москва

Добрите односите со Русија се една од стратешките определби на германската надворешна политика: Лавров со колегата Вестервеле во Москва

Актуелната влада се’ уште не го решила долгодишниот клириншки долг на Русија кон Македонија од околу 60-тина милиони долари, а неизвесна е и судбината на поставувањето крак од големиот нафтовод “Јужен поток“, за што Претседателот Иванов разговараше во Москва во седиштето на “Гаспром“.

Олигарсите се веќе тука

“Колку што ми е познато, ние имаме со Русија само договор за културна соработка, а не и за заштита на странските инвестициите, на земјиштето, како што е во ЕУ. Такво нешто се’ уште не постои“, вели Костас Јанкоглу, еден од македонските директори во рестартираниот хемискиот комбинат Јегуновце. Овој македонски менаџер долго беше активен на украинскиот и рускиот пазар и оценува дека во македонското рударство како инвеститори се влезени петмина од дваесетката врвни руски и светски олихарси: “Живаго, Машкиевич, Бронштајн, Маскалев...“, набројува Јанкоглу.

“Ние сме задоволни со нашата инвестиција овде во рудникот Саса, ќе го шириме рудникот за нова експлоатација. Ќе има развој за луѓето во Македонска Каменица, а задоволни сме и од владината политика на поддршка од сите институции и сметаме дека сме добродојдени во Македонија“,

Дури и со НАТО се подобрени односите: Лавров со генералниот секретар Расмусен

Дури и со НАТО се подобрени односите: Лавров со генералниот секретар Расмусен

вели за Дојче Веле, пак, Максим Прохоров, руски менџер кој неколку години го развива рудникот за олово, чија цена на светските берзи и натаму расте.

Стратешки инвестиции

Годинава е завршена и Те-То, топлана и термоелектрана на гас, чија инвестиција е околу 180 милиони долари. Така, повеќе притаено, вложувањата на руските бизнисмени ќе се доближат до 300 милиони долари до крајот на идната година.

Сепак економската размена со Русија е во драстично опаѓање, а македонскиот извоз на тој голем пазар во 2009 година бил одвај 25 милиони долари, наспроти половината милјарда долари македонски експорт во времето на Советскиот сојуз.

И покрај се’ неодамна неделниот журнал “Публикум“, повикувајќи се на свои разузнавачки извори, обајви анализа дека Русија и Турција се во тајна конкуренција за доминантно економско и стратешко влијание во Македонија. Написот до сега не беше демантиран.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски