1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Што не очекува на годинешниот Саем на книгата во Франкфурт?

На само четири недели пред отворањето на најголемиот Саем на книги во светот, директорот Фолкер Нојман можеше конечно да и соопшти на љубопитната јавност како ќе се претстави годинешниот почесен гостин

Плакатот на Саемот на книгата

Плакатот на Саемот на книгата

Станува збор за колективен гостин, имено, Арапската лига, во која членуваат 22 земји.

“Дека ќе биде толку комплицирано, тоа не ми беше јасно, но јас го доживувам како неверојатно интересен процес“ - изјави Фолкер Нојман на прес конференцијата во Франкфурт. Не е ни чудо што подготовките за презентацијата на годинешниот колективен гостин беа толку возбудливи и комплицирани. Пет од 22-те земји членки на Арапската лига, имено, сакаа да имаат одвоени штандови на Саемот во Франкфурт. Освен тоа, организаторите не сакаа Саемот да биде подиум за провладини поети, туку поканија и бројни писатели егзиланти и остри критичари на владите во арапскиот свет. Тука се на пример Тахар Бен Јелун и добитникот на мировната награда Асја Ѓебар. Нојман со оглед на составот на гостите ветува отворена полемика за актуелниот миг во арапските земји, за корените на исламскиот терор, како и плоден дијалог меѓу Западот и Истокот. Секако дека никој не очекува оти со тоа ќе се решат проблемите меѓу нив, но очекуваните размени на мислења би можеле да бидат придонес за толку фалениот културен дијалог со исламот.

Директорот на Франкфуртскиот саем на книгата Фолкер Нојман најави дека годинава сака да направи спој на работен саем и светско шоу:

“Ние сосема јасно ќе ставиме на знаење дека Саемот во прва линија е работен саем, но истовремено и светски спекаткл на книгата. Ваквата шпага се надевам ќе ја изведеме дури и подобро од минатите години.“

Бројките се на негова страна овој пат. Најавени се 6.600 излагачи, што значи 200 повеќе отколку минатата година, а за прв пат по подолго време има и список на чекање за учество на Саемот во Франкфурт. Интересно е што во Франкфурт годинава ќе има поголем број британски излагачи, отколку на саемската манифестација во Лондон. Британците со 900 штандови се веднаш на второ место по бројот излагачи зад домаќинот Германија со 2.600. На трето место се САД со 750. Франкфуртскиот саем на книгата значи може и понатаму да го носи епитетот и на најголема саемска манифестација од овој вид на англо-саксонската литература.

Ако се земе тоа во предвид, плус колективниот гостин од арапскиот свет, не е ни чудо што мерките за безбедност годинава се уште позаострени. Ќе има помал број влезови со изложбените хали, тие ќе бидат многу подобро контролирани, исто како и гардеробите. Конечно, безбедноста мора да биде на највисоко ниво и поради бројните угледни гости, меѓу кои канцеларот Герхард Шредер, кој ќе го отвори Саемот на 6-ти октомври, шефот на дипломатијата Јошка Фишер кој ќе отвори меѓународниот форум, сопругата на египетскиот претседател Сузана Мубарак, египетскиот Нобеловец Нагиб Махфуз и други.