1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што не е во ред со младите во Македонија?

Насилство меѓу младите-во што е коренот на толку големата агресија, што да се преземе за таа да се намали и елиминира, како родителите да се смират дека децата се безбедни на училиште, во школскиот двор, во автобус.

default

Полицајци пред Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово

По последниот неодамнешен инцидент меѓу младите средношколци во Скопје, каде од огнено оружје беше рането едно 15-годишно девојче, а неколку нејзини врсници беа избодени со ножеви во автобус на ЈСП -Скопје, Македонија повторно е крената на нозе. Сите излегоа пред екраните да кажат што мислат или да ја исперат одговорноста од себе, но малкумина кажуваат што да се прави за ваквите немили сцени да не се повторуваат во иднина. Да објаснат во што е коренот на толку големата агресија кај младите, што да се преземе за таа да се намали и елиминира, и како родителите да се смират дека децата се безбедни на училиште, во школскиот двор, во автобус или на улица.

Голем број инциденти во училиштата

Застрашувачки звучи податокот дека во последните две години во училиштата низ Македонија се регистрирани 60-тина инциденти со физичко насилство. Сведоци сме на постојаните тепачки меѓу средношколците во Струга, кои најчесто се мотивирани од меѓуетничката нетрпеливост, на физичките пресметки меѓу учениците во тетовските средни училишта, а свежи се спомените и на невиденото дивеење на младите момчиња во скопското хемиско училиште или убиството на матурантот Мухамед Јашари во средното градежно училиште во Скопје. Да не зборуваме за честите тепачки во автобусите на ЈСП, особено кон приградските населби и селата околу Скопје.

Gegen Gewalt an Schulen

Плакат против насилството во училиштата

Инстант решенија

По секој поголем инцидент училиштата, општините или соодветните министерства преземаат мерки за засилување на безбедноста и намалување на тензиите. Се повикува полиција и обезбедувачи во училиштата, се инсталираат камери низ школските ходници и дворови, се засилуваат контролите во автобусите, се разговара со родителите, па дури се организираат и кампањи, но тоа е така само неколку дена, недели, односно до следниот инцидент.

Се се сведува на инстант решенија, кои даваат ефекти само во моментите кога и онака има засилена будност на јавноста, по некој голем инцидент.

Експертите, стручната јавност и надлежните министерства објаснуваат дека решението е во системското, а не парцијалното решавање на проблемот со агресијата кај младите.

Надлежните институции бараат решенија за посигурни училишта, затоа што нивните сознанија се дека во поголем дел од средните училишта младите доаѓаат на настава со оружје.

„Во мометов училиштата се обезбедуваат од приватни агенции, има и полицајци, но ние бараме системско решение затоа што сега секое училиште се снаоѓа како знае и умее, а потребно е системско решени за безбедни и сигурни училишта“, вели заменик народниот правобранител Невенка Крушаровска.

Истото системско решение го бара и МВР, кон кое сега се упатуваат најголемите забелешки за безбедноста на децата.

„МВР не може да пушти полицаец во секој автобус. Секој треба да го преземе својот дел од одговорноста. Потребно е системско и трајно решение кое на долг рок ќе даде резултати. Ние не можеме постојано да се бориме со последиците, туку треба да ги најдеме причините и превентивно да делуваме за тие причини натаму да не постојат“, вели министерката Гордана Јанкуловска..

Програми и драконски казни

Tatjana Stojanoska Soziologin Skopje

Татјана Стојановска, социолог

Социологот д-р Татјана Стојановска за Дојче веле изјави дека на Македонија и‘ е потребна национална програма, стратегија за борба потив насилството кај младите. Таа смета дека не треба многу да се мудрува, туку само треба да се видат решенијата кај дел од земјите во ЕУ, каде по донесувањето на ваквите системски, национални програми, е дојдено до драстично намалување на насилството кај младите.

„Треба да се крене морална паника кога навистина имаме проблем. Во нашата земја последната година имавме ексалација на насилство и агресија, но се‘ се става под тепих. Можеби премногу грубо ќе звучи, но мислам дека надлежните институции несоодетно реагираа. За проблемот се нудат ад хок решенија. Тогаш се реагира, научната и стручна јавност проговара и потоа сето тоа се заборава, до новиот инцидент. Тоа се инстант решенија, а нам ни треба да се направи национална програма и стратегија“, вели Стојановска. Коренот на проблемот тааго гледа во семејството, образованието, медиумите.

Gegen Gewalt an Schulen

„Децата формираат модели на идентификација првенствено преку семејството, образованието и мас-медиумите. Кога трите фактори ќе ги споите, ќе добиете модели за идентификација кои не соодветствуаат со правилното и посакуваното. Ако родителот нема доволно време за своето дете, ако наставникот е сконцентирам само за сувопарно пренесување на знаењето од предметот, а на медиумите пренесувате цртани филмови со агресија, шунд и кич, како и релани шоуа каде доблест е ако се каже што поголема глупост, како сакате да имате вредносно и морално изградена цврста младина“, вели Стојановска.

На крајот, Стојановска наведува дека е за драконски казни во однос на практикувањето на насилното однесување.

„Има повеќе од 60 случаи на физичко насилство, а што е со психичкото насилство, вербалната агресија, односот ученик -ученик, ученик-учител, што е со мобингот. Ние тоа никаде не го санкционираме и тоа многу споро се прави“, вели социологот Стојановска.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска