1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што научивме од 11. септември?

Терористичките напади од 11. септември и историските поуки од нив ги коментира Миодраг Сориќ.

Комеморација за жртвите од Светскиот трговски центар

Комеморација за жртвите од Светскиот трговски центар

Старите Римјани тврдеа дека историјата е голема учителка, таа знае да ги нареди работите, да ги стави на вистинското место, да ги објасни. Многумина политичари атентатите од 11. септември ги оценија како „историски пресврт„ тие зборуваат за доаѓање на нова епоха. И навистина убиството на илјадници невини жртви во Њујорк пред ТВ камерите остави драматични последици врз темелното чувство на Американците за нивниот живот. Претседателот Џорџ Буш тоа добро го знае и затоа многу пати повторува дека САД се наоѓаат во војна – секогаш кога бара зголемување на буџетот за одбрана или кога ги ограничува човековите права во земјата што себе си се смета за најдемократска во светот.

Америка повеќе од кога и да е порано се ангажира во исламскиот свет. Така американските сили ги протераа Талибанците од власта во Авганистан, зашто на крајот на краиштата тие им дадоа заштита на терористите при планирањето на нападите од 11. септември. Во меѓувреме САД и нивните сојузници, вклучувајќи ја и Германија, пружаат помош во обновата на оваа земја.

Истовремено официјален Вашингтон се обидува да го поттикнува процесот на демократизација во исламските држави. Голем број муслимани тоа го доживуваат како агресија. Тие не им веруваат на демократијата и на западниот начин на живот. Секуларизмот е за нив навреда на Бога. А згора на тоа САД се близок сојузник на Израел, кој е пак нивен главен непријател. Така Американците наидуваат во големи делови од муслиманскиот свет на одбивање, непријателство, па понекогаш дури и на омраза. Затоа кога некој како Осама бин Ладен и‘ објавува војна на Америка, тогаш ги стекнува симпатиите на многумина муслимани.

Со атентатите од 11. сепетември 2001-та најголемиот светски терорист поттикна невидена спирала на насилство, што се врти се‘ посилно и се‘ побрзо. Таа ги досега сите континенти, а тероризмот станува дел од секојдневието. При тоа негови жртви не се само т.н. неверници, значи христијани и евреи, туку 90% од жртвите на атентатите се токму приврзаници на исламот – пред се‘ во Ирак. Таму сунитите се борат против шиитите (и едните и другите мислумани), а радикално настроените се борат против умерените. Дотолку е неразбирливо што во арапските земји расте и понатаму симпатијата за овие масовни убијци. Тие стекнуваат сјас на маченици за верата и за правата на сиромашните. Категориите на добро и зло така се измешани.

Почетоците на ваквиот развој досегаат до 90-тите години, кога Осама бин Ладен му објави света војна на „сојузот на ционистички крстоносци„. Веќе формулацијата на клучната цел покажува со колку поедноставена слика на светот се раководи главниот терорист. Покомплицираните процеси, како глобализацијата на пример, се чини дека се далеку од способноста за разбирање како на Бин Ладен, така и на неговите приврзаници. Можно е терористичките напади од 11. сепетември во историјата да влезат како револт против модерното време, како обид вредностите на цивилизираниот свет да се претворат во шут и пепел со помош на киднапирани патнички авиони. Но, таквиот обид е осуден на пропаст и тоа не само затоа што САД се многу моќна земја што знае како да се брани, туку затоа што историјата ни покажува оти на крајот секогаш победува она напредното. Освен тоа историјата не‘ поучува на уште нешто. Сите оние кои се против човечноста, тие се осудени на пропаст. Тоа се покажа како на примерот на реалниот социјализам, така и на националсоцијализмот. Тоа важи и за сите други тоталитарни идеологии и режими, вклучувајќи го исламизмот. Но, на цивилизираниот свет во секој случај ќе му треба многу сила и истрајност во борбата против тероризмот и назадноста.