1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што му се заканува на светот?

Финансиска криза, невработеност, нерамномерна распределба на благосостојбата - тоа се темите кои се на врвот на студијата на Светскиот економски форум за ризиците во светот во 2014 година.

Финансиската криза, според водечките економски експерти во светот, ни оддалеку не е надмината и може повторно да „удри“ со сета сила. Тоа во наредните години ќе биде најголемата опасност за светската економија, се предупредува во Извештајот за ризиците во светот за 2014-та година.

„Развиените економии и натаму се во опасност од финансиската криза“, се вели во студијата на Светскиот економски форум (ВЕФ), претставен во Лондон. Студијата се заснова на годишните анкети со кои се опфатени повеќе од 700 менаџери и економски истражувачи од голем број земји во светот.

Ризици со потенцијал да имаат разурнувачки последици, според испитаниците, се и високата невработеност во многу земји, особено меѓу младите, растечкиот јаз меѓу сиромашните и богатите, како и промените на климата и злоупотребата на интернетот од страна на криминалци и шпиони. Од сите сценарија за ризици, како најверојатно остварлива се оценува опасноста од нерамномерна распределба на благосостојбата во светот како непосредна последица од финансиската криза.

Државното задолжување - особено опасно

Како особено опасни се проценуваат државните долгови на САД, во висина од повеќе од 100% од брутосоцијалниот производ, како и задолженоста на Јапонија која изнесува дури повеќе од 230%. Државните долгови во земјите од еврозоната се помали, но опасноста од криза и натаму е еогромна, со оглед на тоа што одделните земји членки на монетарната унија при економски проблеми веќе „ја немаат опцијата со девалвација на својата валута да ги направат неопходните фискални прилагодувања“.

Извештајот на Светскиот економски форум треба да биде анализиран на собирот во Давос, наредната недела, на кој ќе учествуваат повеќе од 2500 политичари, економисти и други личности од речиси 100 земји во светот. Меѓу учесниците ќе има и повеќе од 40 шефови на држави или влади.