1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што можат Грците да научат од Турците?

Додека Грција се бори со економската криза, Турција бележи еден по друг успех. И покрај некои сличности: успешниот рецепт од Турција не е едноставно применлив во Грција.

Горд народ како Турците, не заборава лесно навреди. Само до пред неколку години нивната земја ја носеше неславната титула „пациент“, вели турскиот министер за стопанство Зафер Чаглајан, со поглед вперен кон Европејците. Потоа дополнува: „Оние кои тоа го зборуваа, сега самите лежат на интензивна нега“.

По катастрофалниот економски колапс на Босфорот во 2011. година, Турција доживува стопанско чудо, кое некогашниот „пациент“ го катапултираше во групата на 20-те национални економии во светот. Но, турскиот модел на успех само во одредена мерка е применлив врз европската кризна земја - Грција.

Споредливи појдовни ситуации, различни решенија

Притоа, некои зачетоци на кризата во Турција и во Грција се слични. Двете земји, поради широко распространетата корупција и непотизмот, се најдоа на раб на државен банкрот. Во двете земји, покрај економската криза, се појави и криза на доверба во политичкиот состав. И во Анкара, како и во Aтина, многу брзо стана јасно дека земјата од кризата не може да се извлече само со сопствени сили, туку со помош од странство, па дури и по цена на непопуларен надворешен диктат.

Но, методите и можностите за надминување на кризата во Турција и во Грција се целосно различни. За разлика од Грција, која е членка на еврозоната, Турција можеше да ја девалвира својата валута заради поттикнување на стопанскиот развој. И на политичко ниво постоеше решавачка разлика: во Грција за многу избирачи не постоеше алтернатива на етаблираните партии кои и ја доведоа земјата во криза. Но, на изборите во 2002. година во парламентот во Турција не влезе ниту една позната партија, туку на власт дојде Партијата на правдата и развојот, АКП, на сегашниот премиер Реџеп Таип Ердоган. Тоа овозможи радикален рез и нов почеток.

Türkei Syrien Konflikt Tayyip Erdogan

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган

ММФ, приватизација и отворање кон странскиот капитал

Најголемиот економски успех на АКП во првите години на власт беше одржувањето внатрешнополитичка стабилност и одлучно спроведување на пакетот реформи, кој со ММФ го договори уште претходната влада. Тоа на Турција и‘ овозможи пристап кон нужните кредити, но и модернизација на целокупното стопанство. Успехот на реформите се докажа и во оваа финансиска криза. Турскиот банкарски систем, кој во 2001. година доживеа крах, а потоа беше ставен на нови темели, успеа да се спротивстави на светската криза без поголеми последици.

Владата, истовремено, ги приватизираше турските државни претпријатија. Оваа нова политика привлече странски инвеститори. Само лани од странство во Турција се вложени речиси 16 милијарди долари. Притоа, се‘ поголема улога играат вложувачите од арапските држави. За на инвеститорите од овие богати држави да им го олесни купувањето недвижности во Турција, парламентот неодамна го промени соодветниот закон.

Türkischer Erdölhafen

Пристаниште за транспорт на нафта во Турција

Лекции за Грците

Реформите во Турција во изминатите десет години резултираа со кумулативен стопански раст од 59 проценти, вели Фарук Сен, долгогодишен раководител на Центарот за турски студии во Есен, а денес член на Институтот за наука и истражување Тавак во Истанбул. Приходите по глава на жител беа удвоени, а во инфраструктурни проекти - како патишта, тунели и нови железнички пруги, дотекоа милијарди долари.

При сите разлики во однос на развојот во Грција, Сен во турската успешна приказна гледа важна лекција за Атина: Турција инвестираше во производството, така што денес е важен партнер во меѓународната автомобилска индустрија.

„Производството игра важна улога и за околу 5 илјади германски фирми кои во Турција отворија свои филијали. Земјата не може да се реформира само со туризам и трговија“, предупредува Сен.

Економскиот успех придонесе и за јакнење на турската самоувереност, но и ја зголеми дистанцата кон Европа.

ЕУ во Турција ја сметаат за економско кризно жариште кое би можело да и‘ наштети на Турција. Според истражувањата на Научниот институт Тавак, само уште 17 проценти Турци веруваат во членство на својата земја во ЕУ. Во 2004-та година имаше 78 проценти приврзеници на ЕУ. Студијата покажува дека речиси четири од пет испитаници веруваат дека ЕУ веќе не и‘ е потребна на Турција.