1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Што има ново кај мобилните телефони?

На Mobile World Congress во Барселона се презентира најновото во браншата. Тежиштето на саемот се поволните по цена смартфони, плаќањето преку мобилен телефон и комуникацијата машина-машина.

Саемот во Барселона е најважен во индустријата на мобилна телефонија. Тој е толку голем, што годинава мораше да се пресели на локација која собира повеќе посетители. На саемот кој почна денеска (25.02) годинава се презентираат околу 1500 излагачи. Организаторите сметаат со околу 70.000 посетители.

Во тренд се евтини смартфони

Побарувачката на евтини смартфони станува се‘ поголема, особено во Азија, Африка и Латинска Америка. Овој тренд го катапултираше кинескиот производител Хуавеи на трето место на пазарот на смартфони. Нокиа, која е на второ место на пазарот по Самсунг, сака повторно да има поголем удел и во Барселона ги претставува своите нови евтини модели. Концернот кој некогаш владееше суверено со оваа бранша, меѓутоа, премногу долго се држеше до својот прастар систем Симбијан и беше претркан од Ајфонот на Епл и Андроид-системот на Гугл. Сега концернот со поевтините модели Лумиа 520 и Лумиа 720, кои го имаат системот на Мајкрософт Виндоус Фоун 8, повторно преминува во напад.

Нов систем за смартфони на саемот демонстрира браузер-специјалистот Фајерфокс. Тој треба да ги привлече првенствено оние кои досега не можеле да си дозволат смартфон. Конкретна цена за системот кој се базира врз интернет се‘ уште нема, но во Барселона се споменува цена од околу 100 евра за еден Фајерфокс-смартфон.

MasterPass: плаќање со дигитален паричник

Мастеркард, џинот во браншата на кредитни картички, на саемот го најавува својот нов систем MasterPass. Со него во иднина ќе може да се плаќа преку смартфон, со тоа што во продавница треба да се скенира кодот на производот. Или пак, смартфон кој има NFC-техника се држи над терминал кој е соодветно опремен за плаќање. Ваков систем на плаќање би требало да има понудено и при купувањето преку интернет. Во Германија системот би требало да се воведе на почетокот на наредната година. Први на ред се Австралија и Канада.

М2М-комуникација

Само што почна најголемиот собир на индустријата на мобилна телефонија, а Ериксон и САП веќе договорија поблиска соработка. На почетокот на саемот во Барселона тие објавија партнерство за понудите во интернет-комуникацијата на машина со машина (М2М). Станува збор за автоматски пренос на податоци меѓу индустриски машини и автомати од секаков вид. Идејата не е нова, но дури со проширување на брзите врски во мобилната телефонија таа навистина може да дојде до израз. Како карактеристичен пример на М2М техниката се наведува, на пример, поврзаноста на автомобилите кои автоматски можат да разменуваат податоци за мраз на патиштата, сообраќајни несреќи или колони.