1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што има доларот, што нема еврото?

13 години по неговото воведување на меѓународната монетарна сцена еврото се етаблираше како втора по важност светска валута. Но за него веќе се говори како за валута на минатото. Трката со доларот важи за загубена.

Во САД во моментов се води жестока битка меѓу републиканците и демократите околу буџетот за наредната година. Доколку не биде постигнат договор до крајот на годината, на најголемата светска економија и се заканува рецесија. Но иако доларот во екот на актуелната буџетска криза загуби на вредноста во однос на еврото, никој не се сомнева во неговата надмоќ како единствена вистинска светска валута. Еврото може само да завидува на нескршливата верба во американската валута. Зашто иако моментално е отстранет стравот за брз крах на заедничката европска валута, сепак еврото ни од далеку не е на сигурен терен, потврдуваат студиите на ОЕЦД.

Зошто доларот е „секси“?

Prof. Achim Wambach

Ахим Вамбах, директор на Институтот за економска политика од Келн

Но, што има доларот што му недостасува на еврото? „Многу нешта“, кратко и јасно одговара Ахим Вамбах, директор на Институтот за економска политика од Келн. Најважен е фактот дека зад доларот стои една централна банка, а не 17 како што е случајот со еврото.

„Голем дел од фискалната политика се спроведува на едно место- во Вашингтон, а не преку поединечни сојузни држави“, вели Вембах истакнувајќи дека од друга страна еврозоната нема ни единствен буџет. 

Друг проблем на еврото во споредба со доларот е тесната врска на поединечни држави со банките во сопствената земја. За економистот Клеменс Фист тоа е еден од најголемите структурни проблеми на еврото: „Уште од самиот почеток требаше да се одреди дека во монетарната унија, поединечни држави можат да прогласат банкрот и да дојде до отпис на долгот. За да се случи тоа банките мораат да бидат солвентни за да го издржат овој отпис на долгот, што значи дека би требало да имаат повеќе сопствен капитал“, истакнува Фист.

Во САД нема банки кои се зависни од поединечни сојузни држави, вели пак Вамбах: „ Ако Калифорнија банкротира не значи дека влоговите на штедачите се загрозени, бидејќи тие се наоѓаат во федерална банка, а не во калифорниска“.

ЕЦБ има премалку надлежности

Со тоа имено се спречува кризата на една сојузна држава да ги загрози финансиите на другите сојузни држави. Тие освен тоа се должни секоја година да ги подмират своите долгови кон централната банка. Во случај да се наоѓаат на работ на ликвидност, како што со години беше случај со Калифорнија, автоматски во сила стапува кризен буџет. Така видовме дека вработените во калифорниските универзитети мораа да земат принуден годишен одмор, а платите им беа намалени“, вели Вамбах. 

Ваков механизам не беше воведен со воведувањето на еврото. Тоа создаде разлики меѓу односите на поединечни национални банки со Европската централна банка (ЕЦБ).

Clemens Fuest

Економскиот експерт Клеменс Фист

Така автоматски централните банки на побогатите членки на еврозоната прикриено ги кредитираат оние кои се наоѓаат во финансиски тешкотии. Ако доверителите би инсистирале на порамнување на т.н таргет сметки, преку кои се регулира овој трансфер, монетарната унија би се распаднала во истиот момент.

Но, најголема разлика во природата на доларот и еврото беше и останува односот на централните банки кон своите валути. Додека Федералните резерви на САД, можат суверено и сами да одлучуваат за судбината на доларот, ЕЦБ е всушност зависна од одлуката на 17 национални банки на земјите членки на евро-зоната. Иако надлежностите на ЕЦБ се зголемени во екот на кризата: „Сепак ЕЦБ се’ уште е банка, која зависи од 17 други банки. Тоа едноставно не е  банка, која самостојно дејствува и затоа еврото е нестабилно“, заклучува економистот Дејвид Марш.