1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што има во нацрт-резолуција на Германија и Бразил против прислушувањето?

Германија и Бразил поднесоа нацрт-резолуција до Генералното собрание на ОН со која се повикува на ставање крај на прекумерниот електронски надзор, собирањето на податоци и инвазијата врз приватноста.

Нацрт-резолуцијата не споменува некои конкретни земји, но дипломати во ОН велат дека таа е насочена кон САД, кои се засрамени од откритијата за масовна меѓународна програма за следење што ги објави поранешниот соработник на НСА Едвард Сноуден.

Министерството за надворешни работи во Берлин објаснува дека резолуцијата „има значајна улога во континуираниот развој на меѓународните напори за заштита на приватноста“. Оттаму велат дека правото на приватност мора да важи исто така и за интернетот. Документот е разработен заедно со Бразил, чија претседателка Дилма Русеф била прислушувана од НСА, исто како и германската канцеларка Ангела Меркел. Затоа Русеф ја откажа посетата на Вашингтон, а Меркел лично му се пожали на американскиот претседател Барак Обама. Сепак, САД конкретно не се споменати во предлог-резолуцијата.

Во текстот се повикува да се создадат независни надзорни тела на национално ниво, кои би гаранирале транспарентност во државните акции за надгледување на комуникациите и собирањето на личните податоци. Со резолуцијата и’ се предлага на комесарката за човекови права во ОН Нави Пилај да создаде интерен извештај со препораки како да се заштитат приватните разговори на национално и меѓународно ниво.

Во документот се изразува „длабока загриженост за нарушувањата на човековите права и злоупотребите, кои можат да резултираат од спроведувањето на какво било следење на комуникациите“. Земјите-членки на ОН се повикуваат да „преземат мерки за ставање крај на нарушувањата на овие права и да создадат услови за спречувања на овие нарушувања, што вклучува осигурување дека релевантното национално законодавство е во согласност со нивните обврски според меѓународното законодавство за човекови права“.

За поднесената нацрт-резолуција во следните три недели ќе се советува одговорниот Комитет за човекови права и потоа ќе излезе со препорака до Генералното собрание. Таму не постои вето и секоја од 193-те земји има право на еден глас, без оглед на бројот на населението. Неговите резолуции не се обврзувачки и имаат симболична вредност.

Неколку дипломати изјавија дека би биле изненадени резолуцијата да не добие огромно мнозинство од членките на ОН. Таа би требала да се најде на гласање кон крајот на овој месец.