1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што знаеше Европа за интернет-шпионажата?

Политичарите на ЕУ уште од средината на 2011 година теоретски знаеле дека американската тајна служба може да прислушува Европејци. Зошто не се случи ништо? ЕУ не можеше или не сакаше да дејствува?

Огорченоста во Европа од програмата за прислушување „Призма“ е голема. Но експертите не се изненадени од откритијата на Американецот Едвард Сноуден. „Она што Сноуден го обелодени за Призма на луѓето кои се запознати со состојбите одамна им е јасно“, вели Бенјамин Бергеман, еден од авторите на блогот netzpolitik.org и член на Дигитално општество е.В.. Бергеман за ДВ вели дека во извештај изработен по барање на Европскиот парламент уште во 2012 година се покажало дека „американските власти имаат пристап до податоци од 2008 година“.

Извештајот остро ги критикуваше европските законодавци. Авторите на студијата оценија дека во ЕУ воопшто не се свесни оти е овозможено масовно прислушување. Впечатливо е што до средината на 2011 година за „FISAAA 1881a“ не знаеле „ниту Европската комисија, ниту националните законодавци,

USA PRISM Internet Überwachung Quelle Edward Snowden

Едвард Сноуден го откри постоењето на тајните програми за следење на комуникациите

ниту пак Европскиот парламент“. Во тој момент „FISAAA 1881a“ (Foreign Intelligence Surveillance Amendment Act) беше веќе три години во сила. Авторите предупредија јасно дека законот им овозможува на американските власти пристап до податоци во таканаречените клаудс и за луѓе кои не се американски граѓани. Заклучокот на авторите е поразителен - ЕУ не се погрижила за заштита на своите граѓани.

Фокус врз Кина и Русија

Европејците во борбата против сајбер-криминалот и во делот на заштитата на интернет долго време ја инвестираа својата енергија еднострано, вели Жулијен Жандебоз, еден од авторите на студијата. „Фокусот во ЕУ беше ставен на заканите за граѓаните на ЕУ кои лежат надвор од таканаречените закани спонзорирани од власта.“ Европејците значи дебатираа за хакери, кражби на идентитети, или за регулирање на интернет-фирмите. Кога стануваше збор за активности управувани од државата, европскиот фокус беше ставен врз Кина и Русија. „Фокусот не беше ставен на многу чувствителниот однос со САД, меѓу другото и поради политички причини“, вели Жандебоз во интервју за ДВ.

Американските закони, како Патриот-акт, кои на американската истрага и‘ овозможија широки акции на прислушување по нападите од 11 септември 2001 година, во ЕУ се предмет на контроверзни и јавни дискусии. Но „едно е да се преземаат мерки против сајбер-криминалци, а друго е да се преземаат чекори против американската влада“, вели Жандебоз. „Тоа е деликатна работа.“

Блогерот Бенјамин Бргеман нагласува и дека секој корисник на Фејсбук или на услугите на Гугл во Европа мора да има предвид дека европските тајни служби може да профитираат целно од активностите на Американците. „Може да се мисли - каков интерес имаат САД за мене? Не смее да се заборави дека европските органи за кривично гонење имаат интерес и може да се создаде коалиција на интереси при евентуална размени на вакви податоци.“ Значи можно е американскиот пристап до податоци на некои органи во Европа да им е евентуално добредојден. Дали прислушувањето е премолчено толерирано од европските служби или дури и активно искористено, ќе се покаже.

Правата во „канта за отпадоци“

Додека корисниците во Европа можат да поднесат тужба долку им биде повредено правото на контрола врз сопствените податоци, во САД тоа го нема. Затоа, Европејците досега се беспомошни кога станува збор за остварување на ваквото право во случај на транснационален трансфер на податоци. Николас Хернанц од Центарот за европски политички студии од Брисел, нагласува дека

е „впечатливо оти многу закони кои се носат во САД ги погаѓаат и европските граѓани“. „Правото на граѓаните да бидат единствени кои може да располагаат со сопствените податоци на тој начин едноставно се фрла во канта за отпадоци. Законската ситуација предизвикува страв“, вели Хернанц.

Има многу идеи за тоа како граѓаните на ЕУ да се заштитат од упад во нивните податоци од страна на САД, но досега нема единствен став. Дебатата околу планираната Европска уредба за заштита на податоци, која би требало да биде донесена до европските избори во 2014 година, е жестока.