1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Што знаела Меркел за шпионирањето на НСА?

Парламентарната комисија на Бундестагот се обидува да открие што навистина знаела германската влада за активностите на НСА во земјата. Но нивните можности се ограничени.

Дали германските разузнувачки служби биле свесни и информирани за набљудувачките активности на американската НСА во Германија? Колку и дали воопшто биле спречени некои терористички напади во Германија, на тој начин?

Ова се само две од многуте прашања кои германскиот парламентарен комитет кој ја надгледува работата на тајните служби сака да и ги постави на владата на канцеларката Ангела Меркел.

Министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во вторникот (16.07.)сведочеше пред комитетот, откако викендот го мина во САД каде бараше објаснување за активностите на НСА. Што му кажал Фридрих на комитетот останува тајна, затоа што седниците се затворени за јавноста, и никој од присутните нема право да ја открива содржината на разговорите.

„Ние можеме да бараме дополнителни информаци и документи, можеме да повикуваме на разговор членови на владата. Можеме да ги помрднеме нештата, но само доколку владата одговара на нашите прашања“, објаснува Ханс Кристијан Штребеле од партијата на Зелените, еден од 11-членови на комитетот.

Волфганг Нешковиќ, поранешен член на комитетот ја критикува неговата работа затоа што телото практично нема можност да ги натера членовите на владата или на тајните служби да достават информации. Контролната функција, практично не постои, вели тој.

„Може да се спореди со улогата на кондуктер во воз, кој доколку му кажете дека сте платиле карта, треба да биде задоволен“, вели Нешковиќ.

Меркел да каже што знае!

Bundesinnenminister Friedrich in den USA

Министерот Фридрих на состанок со американскиот потпретседател Бајден во Вашингтон

Ни Штребеле не е задоволен од информациите кои владата досега ги достави за скандалот со НСА. Тој бара канцеларката Меркел лично да се појави пред комитетот, затоа што верува дека таа знае далеку повеќе за случајот отколку што досега признала.

Според медиумските извештаи, германската сојузна разнузнувачка служба БНД во повеќе наврати барала од НСА да ги сочува податоците за киднапираните Германци во изминатите години. Логично се поставува прашањето, од каде знаела БНД дека НСА поседува и собира такви информации, и дали и владата знаела за тоа?

По посетата на САД, министерот Фридрих го оправда шпионирањето на НСА со војната против тероризмот. Тој тврди дека во Германија биле спречени пет напади благодарение на информациите од американските служби. Фридрих наведе два конкретни примери на спречени напади последниве години.

Но, тоа не ги убеди опозициските членови на комитетот. „Кога на министерот во Вашингтон ќе му кажат дека биле спречени пет напади, а тој споменува само два, прашањето е кои се останатите три?“, изјави претседавачот на комитетот, Томас Оперман. Социјалдемократот вели дека и тој е заинтересиран за спречување на нападите, но „тоа не оправдува набљудување на целото население од странска тајна служба“.