1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Што е најважно да се биде успешен магионичар?

Добри трикови кои по можност никој не ги знае. Ова е тајната на најстариот магионичар во Берлин. Но и тој мораше да ги учи триковите на бизнисот за да ја оддржи во живот својата продавница за магионичарски артикли.

Гинтер Клепке е најстар магионичар во Берлин - има 82 години. Тој стручно тренира подмладок - за во продавницата за магионичарски артикли, но и за на сцена. Што е битно за еден добар магионичар?

„Тој во принцип мора да ги забавува луѓето. И, ако може да го прави тоа, значи е интересно“, објаснува Клепке.

Гинтер Клепке 17 години беше крал на магионичарите на улицата „Херман“ во Берлин. Потоа, во 1995 година, работата ја презема ќерка му. Минатата година и таа се откажа. Нејзината внука Карен Гецке и нејзината најдобра пријателка го презедоа водењето на продавницата.

„Ќе бевме тажни да беше затворена и пренаменета. Сепак станува збор за традиција, а и за продавницата сама по себе, оти ова овде го сметам за прекрасна работа“, вел Карен Гецке.

Магично место

Symbolbild Zauberei

Двете жени ја реновираа и повторно ја отворија продавницата. Во неа пак има и магионичарски прибор, но и шеговити артикли, карти за играње и костими. Еднаш неделно и стариот магионичар помага во продавницата.

Тој веќе половина век ги изведува магионичарските трикови. Има работено и како чувар и забавувач. Каде и да се појави со неговите магични коцки, ја фасцинира публиката. Триковите, се разбира, никому не ги открива. „Таинственото е убавото што некому му останува засекогаш“, вели Клепке.

Наследничките се’ уште не можат да живеат исклучиво од продавницата и паралелно работат и други работи. Но, бргу сфатија што е важно во нивниот бизнис.

Внуката Карен Гецке, која сега раководи со магионичарската продавница истакнува: „Мораш да умееш луѓето да ги убедиш за работи кои всушност не им се потребни, но се интересни“.

Тие се надеваат дека продавницата „Крал на магионичарите“ уште долго ќе остане она што отсекогаш беше - едно магично место.