1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што донесе годинешниот Форум во Давос?

Штотуку завршениот Економски Форум во Давос годинава имаше две основни обележја: на тематски план на врвот на приоритетите се искачи промената на климата. А што се однесува до составот, беше забележано зголемено присуство на учесници од земјите во развој. Марко Фолмар подготви завршен коментар на оваа тема.

Канцеларката Меркел и претседателот на Палестинците Абас во Давос

Канцеларката Меркел и претседателот на Палестинците Абас во Давос

По петте дена од Светскиот економски форум секогаш останува да лебди прашањето: што донесе средбата, дали сега нешто ќе се измени во проблемите што го оптоваруваат светот или сето беше само голема парада на уште поголеми имиња од бизнисот и политиката?

Конечен и прецизен одговор и годинава нема. Она што е неспорно, тоа е дека организаторот на Форумот Клаус Шваб и овој пат успеа да привлече импозантна бројка моќни личности: 24 шефови на држави и влади и преку 800 водечки стопански менаџери се одзваа на неговата покана и допатуваа во планинското туристичко место во швајцарските Алпи. Така имаа можност да се сретнат претседателот на Палестинците Махмуд Абас и израелската министерка за надворешни Ципи Ливни за да разговараат за мировниот процес на Блискиот исток и за создавањето заедничка стопанска зона. 30-те министри за трговија кои престојуваа врата до врата постигнаа согласност за обновување на комплицираните преговори за либерализација на светската трговија. А канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот британски колега Тони Блер ја истакнаа промената на глобалната клима како најважен предизвик за човештвото во овој век.

Позитивно изненадување оваа година беше фактот што во Давос навистина доминираа најавените теми: заштитата на климата, светската трговија и интернет. Овој пат не се појави никаква холивудска ѕвезда, што би го одвлекла вниманието на друга страна. Наместо тоа важно обележје беше присуството на голем број претставници на невладини организации, кои ја искористија можноста да стапат во дијалог со најмоќните од политиката и бизнисот. Овој пат меѓу нив се најдоа и поголем број претставници на земјите во развој, како што се двете моќни индустриски нации од Азија, Индија и Кина, потоа Бразил и Мексико како растечки стопански сили на Латино америчкиот континент и уште од неколку земји од Африка.

Сите доаѓаат во Давос затоа што средбата е неофицијална, што не е оптоварена со неопходноста да се донесат обврзувачки заклучоци. Токму во можноста за случаен контакт, за куса но плодоносна размена на мислења во слободна атмосфера, лежи магнетната сила на Светскиот економски форум. Концептот на иницијаторот Клаус Шваб и годинава се покажа како успешен.