1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Што дебелее повеќе: слатките или чипсот?

Научниците следеле група од 120 илјади луѓе цели 20 години, настојувајќи да утврдат што најмногу дебелее. Ранг листата донесува некои изненадувања, но не го става под знак прашање фактот дека чипсот е најопасен.

default

Не звучи драматично - учесниците во три големи американски истражувања се здебелувале во просек 380 грама годишно. По две децении во просек биле потешки за 7,6 килограми. Врз основа на податоците за исхраната на 98.320 женски и 22.557 машки испитаници, истражувачите од медицинскиот факултет на Харвард утврдиле кои продукти најмногу придонесуваат за гојазноста. Како што информира „New England Journal of Medicine“ ги комбинирале податоците од три големи истражувања - во две учествувале медицински сестри од САД, а во третото мажи вработени во здравството. Сите учесници имале нормална тежина на почетокот на истражувањето.

Гојазноста е инаку во сe´поголемa мерка светски проблем и според најновите податоци околу милијарда и пол луѓе во светот страдаат од зголемена телесна тежина, а половина милијарда се дури претерано дебели, бидејќи нивниот индекс на телесната маса е над 30.

Учесниците во истражувањето секоја четврта година давале податоци за тежината, потоа за тоа што јадат, дали се занимаваат со спорт, дали пушат и колку време поминуваат пред телевизор. Врз основа на тоа истражувачите настојувале да утврдат во која мера промените во исхраната и начинот на живот влијаат врз телесната тежина. Ги бележеле и дневните оброци, како и тоа кои намирници испитаниците во текот на четири години повеќе ги јаделе, а кои помалку.

Flash-Galerie Themen der Grünen Ernährung

Свежото овошје и зеленчук се најздрави

Свежото овошје, зеленчукот и природните напитоци се најздрави

Таканаречените снекови, она што ќе го изедеме помеѓу оброците, се покажале - според очекувањата - како вистинска катастрофа за линијата. Секоја порција чипс од 30 грама дневно, пресметано на четири години значи дополнителни 770 грама. Една порција компири донесува 580 грама, но не е сеедно на кој начин компирот е подготвен. Имено, помфритот носи дополнителни килограм и половина, додека варениот компир само 260 грама. Оној кој пие засладени напитоци, разни видови кока кола, може да смета на дополнителни 450 грама, црвеното месо и колбасите донесуваат 430 грама. Изненадување претставува пласманот на слатките - секојдневна порција слатки донесува само 180 грама по четири години.

Кој во текот на четирите години јадел пак само зеленчук, овошје, интегрални житарици, бадеми, лешници, ореви или јогурт, ја намалувал тежината, и тоа по сто грама (за четири години) за порциите зеленчук, 220 за овошјето, 170 за интегралните житарици и 370 за јогуртот.

Пет порции зеленчук или овошје дневно

Значи ли тоа дека покрај чипсот треба да се јадат бадеми и така да се симнуваат килограми? Секако, таа комбинација нема да функционира! Испитаниците ја намалувале тежината или ја одржувале на исто ниво само ако претежно јаделе повеќе зеленчук, овошје или јогурт и тоа се објаснува со тоа што во тој случај се одрекнувале од други продукти, кои многу повеќе дебелат.

Исхраната во многу поголема мера влијае врз телесната тежина од другите животни навики, иако според проценките на научниците секој час пред телевизорот значи по 140 грама повеќе на секои четири години. Истражувачите нагласуваaт дека вишокот од само педесет до сто калории дневно може да значи „тивко дебелеење.“ Со цел тоа да се спречи тие препорачуваат откажување од некои продукти, како што се чипсот или засладените пијалоци, а во организмот што повеќе да се внесуваат некои други, како на пример, зеленчукoт.

Тоа е во склад и со многу други препораки за начинот на исхраната. Така германското здружение за исхрана препорачува секојдневно пет порции зеленчук или овошје, што е основата и на толку фалената медитеранска исхрана.

Автор: СБ/New England Journal of Medicine/НБ/ГЧ

Редактор: Трајче Тосев